Шоу-бизнис на македонски начин! Најпосле нашите пејачи го сфаќаат по сè изгледа значењето на светите естрадни зборови – шоу-бизнис. Па, почесто почнуваат тоа да го практикуваат со добри маркетиншки трикови. Симпатично, неодоливо, но и интригантно.
Тоа го направи и популарната фолк-пејачка Стојне Николова. Сите беа збунети кога пејачката објавила дека направила гламурозна свадба, а на свадбата немаше апсолутно никој од нејзините колеги и колешки.
Веднаш беше сомнителна работата. И за кусо време се дознава дека Стојне снимала всушност најнов спот за најновата песна „Најлична невеста“. Облечена токму така како невеста во бела венчаница, а младоженецот во свечен свадбарски костум, таа ги остави фановите без здив. Не влегувајќи во деталите, тие Стојне ја прашуваа сè за свадбата, но воедно ѝ честитаа, посакувајќи ѝ златни дечиња. Како што си е редот. Сепак, кога фановите разбраа дека се работи само за спотот на пејачката, малку остана разочарани. Чудно, нели?
Сега со нетрпение се очекува и официјалната промоција на новиот спот, новата песна. Секако дека Стојне на промоцијата ќе мора поради уверливоста да се појави во белата венчаница, да го заигра првиот танц со саканиот и да го фрли бидермајерот. Како што прилега за вистинската православна свадба.
Музика за оваа новата песна ја напиша Инан Неџиповиќ, текстот е на мошне познатиот Орце Зафировски, а мајсторки на професионалната шминка беа Селма Касумовиќ и Маја Динеска. Спотот е дело на Арт-продукција. Оваа спотовска весела македонска свадба се случуваше во амбиентот на ресторанот „Ритуал“. Засега песната најмногу се врти на фреквенцијата на „Балкан мјузик телевизија“, а сè почесто и на останатите наши телевизии. Што значи дека имаме во најава нов фолк-хит! Д.М.