Голем број љубители на ракометот плукаат по македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, поради одлуката што ја донесоа во последните секунди од натпреварот меѓу Франција и Египет, во четврт-финалето на Светското првенство што се игра во Хрватска, Норвешка и во Данска.
„Триколорите“ го обезбедија полуфиналето на СП откако, во Загреб, го совладаа Египет со 34:33 (18:14). Јунак на триумфот беше Лука Карабатиќ, кој постигна спектакуларен гол во последните моменти од мечот. Преку брз напад од центарот на теренот, Карабатиќ шутираше во празната мрежа и на крајот погоди за голема победа.
Сепак, Египќаните сметаат дека биле брутално ограбени и дека голот на Карабатиќ не бил регуларен. Причина за ова е фактот што еден француски ракометар веќе беше на египетската половина кога шутираше Лука. Тоа не е според правилата на ракометната игра.
Селекцијата на Египет веднаш почна да се жали кај судиите од Македонија, кои иако ја проверуваа видеоанализата, сепак донесоа одлука дека е регуларен голот.