![UEFA Champions League Final - Manchester City vs Inter Milan](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/02/mancester-citi-sampion-696x457.jpg)
Три големи имиња го напуштаат Манчестер Сити во летото 2025 година и клубот од „Итихад“ ќе изгледа многу поинаку во следната клупска сезона.
Најпознатото име е секако белгискиот интернационалец Кевин де Бруин кој е член на „граѓаните“ веќе 10 години. Офанзивниот играч за врска освои се на клупската сцена, но бидејќи ќе наполни 34 години, раководството на Сити смета дека е време да си замине.
Британските медиуми се убедени дека КДБ нема да остане во Европа, туку следна негова дестинација ќе биде американската МЛС лига.
Веќе подолго време се зборува за заминување на голманот Едерсон. Сити беше подготвен да го продаде во Саудиска Арабија минатото лето, но англискиот премиерлигаш не најде заеднички јазик со заинтересираните клубови.
Бразилецот веќе осма година е дел од „граѓаните“ и сега е подготвен да тргне по нови предизвици, односно ќе ја полни сметката со пари од Саудиска Арабија.
Последно големо име што ќе си замине од „Итихад“ е Џек Грилсих. Офанзивниот играч за врска беше платен 100 милиони фунти пред четири и пол години, но никогаш не го достигна нивото на играч кој вреди толку пари.
Пеп Гвардиола сигурно ќе бара нови решенија на пазарот за фудбалери. По овие заминувања Сити го чека спектакуларно лето, а со клубот веќе се поврзуваат некои големи имиња.
Јамал Мусиала и Флоријан Вирц се играчи кои Гвардиола многу ги посакува, тука е и ѕвездата на Реал (М), Родирго, и со нив „граѓаните“ дефинитивно би изгледале помладо и помоќно во офанзивниот дел од играта.
Останува да видиме кој ќе ги наследи овие тројца во клубот, но јасно е дека ќе има големи трансфери од англискиот шампион.
Титулата конечно може да му припадне на некој друг оваа сезона, но Пеп дефинитивно планира нов почеток од летото 2025 година.