„Фанфари за еден пријател“ е насловен концертот кој вечер од 20 часот ќе го одржи Филхармонијата. Како солистка на труба ќе настапи Селина От од Австрија, а диригент е Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се два концерта за труба и оркестар од Томази и Хајдн и Симфонијата бр.2 од Јоханес Брамс.
Селина От како солистка настапувала во престижни концертни сали. Добитничка е на наградата „Opus Klassik“ во 2021 година, за нејзиниот дебитантски албум „Концерти за труба“, заедно со Радио-симфонискиот оркестар на Виена и диригентот Роберто Патерностро.
-Како прва жена во седумдесетгодишната историја на Меѓународниот музички натпревар „ARD“, Селина От ја освоила првата награда во категоријата труба на само 20 години, во 2018 година. Тоа е и една од причините потоа да биде поканета да настапува со водечки оркестри, како WDR симфонискиот оркестар, Чешката филхармонија и Германскиот симфониски оркестар Берлин… Ккако виенскиот Концертхаус, Музиквереин во Виена, Филхармонијата во Берлин, Филхармонијата во Келн, Филхармонијата во Есен, Филхармонијата во Луксембург… Во 2022 година, Селина се стекнала со звање магистер по уметности, во класата на Роман Риндбергер, на Универзитетот за музика и уметности во Виена, соопшти Филхармонијата.
Диригентот Јерухам Шаровски во моментов извршува функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија. Во 1991 година тој станал уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата.
-Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим, се наведува во најавата за концерот.