Денеска престанува важноста на новогодишната кошница. И покрај тоа што беше најавена од власта, креирана од производителите и во неа влегоа речиси 1.200 производи, кошницата не го даде посакуваниот ефект за граѓаните. Поради нивните реакции, таа беше дополнета на 24 и на 25 декември, самоиницијативно од трговците, со уште 30-50 производи со намалени цени, и тоа масло, јајца, ориз, шеќер, месо и месни производи. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека граѓаните ја изгубиле довербата во кошниците и дека не веруваат дека со наредните две, рамазанската што ќе трае во текот на март и велигденската во април, ќе има некое позначително намалување на цените на производите.
Анализата на „Фајнанс тинк“ покажа дека храната во Македонија од 2021 досега поскапела за 46,8 отсто. Ова го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика, кои за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Најголемо поскапување на цените во декември лани, во однос на декември 2023, имало кај зеленчукот од 12,7 отсто, кај минералната вода, безалкохолните пијалаци, кај соковите од околу 16 отсто, потоа кај маслото, млекото, сирењето, јајцата. Само кај месото имало едноцифрен пораст од 4 проценти.
– Практиката досега покажа дека штом ќе се тргне мерката, цените повторно се качуваат. И со претходната кошница се случи истото, а очекуваме и со оваа цените да се вратат на старо, односно да се зголемат. Дури и Владата и инспекторите, кои постојано беа на терен, констатираа дека цените драстично се покачени дури и во текот на мерката. Трговците и производителите ја изиграа довербата и на власта и на граѓаните. Поради тоа, граѓаните веќе не веруваат во намалување на цените на храната со кошниците, бидејќи и есенската и новогодишната не го дадоа ефектот – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.
Според него, од денеска се очекува ново зголемување на цените на основните прехранбени производи. Радовски смета дека треба да се бараат нови начини за да им се помогне на граѓаните, бидејќи ваквите мерки покажале дека немаат ниту моментален ефект, односно не ги намалуваат цените ни додека се на сила.
За да нема ново зголемување на цените, надлежните ќе апелираат до производителите и до трговците да не ги качуваат.
– Ќе апелираме до трговците да го задржат нивото на цените за да се спречи раст на инфлацијата. Имаше периоди кога неприродно се качуваа цените – изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека постојано се на терен и дека, генерално, новогодишната кошница се почитувала, имале само ситни забелешки, кои, по укажувањето на инспекторите, биле отстранети. Од Инспекторатот информираат дека за во наредниот период во план е сеопфатна анализа на бруто профината маржа на производите, и тоа кај производителите, дистрибутерите и кај маркетите.
Од 1 јануари на сила е и Законот за нефер трговски практики, а Комисијата за заштита на конкуренцијата почна со спроведување во практика на казнените одредби. Се очекува Законот да воведе ред во делот на регулирањето на односите на сите инволвирани страни во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи и да го ограничи рабатот на 10 проценти. Претходно, според власта, рабатите надминувале 30-40 отсто. Сега се очекуваат дополнителен пад на цената и високи казни за прекршителите, кои ќе се движат од 50 до 20.000 евра.
Инаку, според податоците на Организацијата за храна при Обединетите нации, цените на храната во светот, за разлика откај нас, во декември паднале, а особено имало пад кај шеќерот и кај житарките. И според глобалниот индекс, цените на храната во 2024 година се намалиле за 2,1 отсто, во однос на 2023 година. Во Македонија, цените на животните трошоци, особено за храна, пораснале за 2,7 отсто. Најголем пораст има кај цените на овошјето, зеленчукот, шеќерот и на кафето.
(А.С.)