Преку ова проширување на мрежата на авиолинии, со нетрпение очекуваме и целиме кон понуда на поголема удобност и подобрување на поврзувањето за нашите патници со светот, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Управниот директор на „Виз ер“, Роланд Тишнер, нагласува дека овие нови конекции ќе им овозможат на патниците да истражуваат нови возбудливи локации, истовремено нудејќи им можност на туристите од Западна Европа да ги откријат скриените убавини на Северна Македонија
Авиокомпанијата „Виз ер“ почнува со продажба на авиобилети од скопскиот аеродром за Барселона, Лион и Штутгарт. За ова, вчера, управниот директор на „Виз ер“, Роланд Тишнер го информира генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
– Како ТАВ Аеродроми воодушевени сме што можеме да го објавиме враќањето на Барселона како дестинација за одмор од скопскиот аеродром од 3 мај 2025 година, на која ќе сообраќа „Виз ер“, особено затоа што тоа беше најпосакуваната рута од нашите патници. Дополнително, освен до Барселона, „Виз ер“ следната година ќе ги воведе и Лион и Штутгарт како нови дестинации од скопскиот аеродром, што ќе биде предност за сите бидејќи со ова се проширува мрежата на дестинации од скопскиот аеродром, мапата на авиолинии на „Виз ер“, како и опциите за патување за секој авантурист. Преку ова проширување на мрежата на авиолинии, со нетрпение очекуваме и целиме кон понуда на поголема удобност и подобрување на поврзувањето за нашите патници со светот – изјави Курт.
Новите авиолинии од/до Барселона и Лион ќе бидат оперативни почнувајќи од мај 2025 година, нудејќи им на патниците возбудливи можности да ги истражуваат енергичните европски градови по пристапни цени во претстојното лето. Директните летови до/од Штутгарт почнуваат да сообраќаат од септември 2025 година.
– Овие нови авиолинии од Скопје ја истакнуваат нашата посветеност да нудиме удобни и достапни опции за патување за нашите патници. Возбудени сме што можеме да ја диверзифицираме нашата мрежа и да го поврземе Скопје со популарните дестинации како што се Барселона, Лион и Штутгарт. Овие нови конекции ќе им овозможат на патниците да истражуваат нови возбудливи локации и да се впуштат во незаборавни авантури, истовремено нудејќи им можност на туристите од Западна Европа да ги откријат скриените убавини на Северна Македонија – изјави Тишнер.
Резервациите за трите нови дестинации, достапни од Меѓународниот аеродром Скопје, се отворени од вчера. Летовите ќе започнат на 3 мај 2025 година (Барселона) и ќе сообраќаат секој вторник и сабота, на 1 мај 2025 година (Лион), со летови закажани за вторник, четврток и сабота, додека летовите до Штутгарт ќе започнат да сообраќаат на 29 септември 2025 година, со летови три пати неделно, во понеделник, среда и петок.
Летовите до новите дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје може да се резервираат на официјалната веб-страница на „Виз ер“ и преку мобилната апликација на авиокомпанијата. Основните цени почнуваат од само 24,99 евра за Штутгарт и 29,99 евра за Лион. Летовите од Скопје до Барселона се достапни по цени од 31,99 евра.
Владата сака да ја прошири листата со дестинации до кои ќе може да се лета од Скопскиот и од Охридскиот аеродром. Министерството за транспорт во понеделникот објави јавен повик за доставување барање од домашни и од странски авиопревозници за доделување финансиска поддршка за воведување нова/нови дестинација/и од аеродромите во земјава. Финансиската поддршка се доделува за период од 1 јануари 2025 година заклучно со 31 декември 2027 година и за оваа намена, во следните три години се планирани 3,4 милиони евра.
Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање, во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Македонија на денот на изготвување на барањето за плаќање, за патниците превезени до меѓународниот аеродром „Скопје“ и 12 евра по патник во доаѓање, во денарска противвредност, за патниците превезени до аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид.
Според условите на јавниот повик, средствата кои се останати по првиот повик за финансиска поддршка, а кои се утврдени по години и не се пренесуваат, се во износ од: 81.613.245 денари (1.327.045 евра) за 2025 година, 62.144.371 денар (1.010.478 евра) за 2026 година и 63.255.968 денари (1.028.552 евра) за 2027 година.
(С.Бл.)