Јелена испеа и неколку убави македонски народни песни, за кои кажа дека ги пее насекаде во светот. – Интересно е што тие македонски песни се пеат на изворен македонски јазик, кај сите наши иселеници од кој било дел на поранешна Југославија
Српската евровизиска поп-ѕвезда, Јелена Томашевиќ, повторно је освои скопската публика, со својот солистички концерт во преполната сала на националната Опера и балет. Иако имаше и такви што сметаа дека згодната и распеана пејачка ќе нема толку многу публика, со огледа на тоа што често настапува кај нас. Сепак, таа ги демантираше таквите злонамерни озборувања. Во салата немаше каде игла да падне. Голем број нејзини обожаватели, подеднакво и од машкиот и од женскиот пол, се стискаа како сардини за да бидат што поблиску до неа и за заедно со неа да ги пеат сите нејзини хитови, омилени кај нашата публика многу години: „Панта реи“, „Иде киша данима према океанима“, „Име моје“, „Битанга и принцеза“, „Оро“(евровизискиот хит), „Где да одем да те не волим“, „Златни дан“… и, секако, неизбежната „Јутро“, за која минатото лето, на македонскиот „Охрид-фест“, ја доби ексклузивната награда за песна на деценијата. Воодушевената публика заедно со неа неколку пати го запеа омилениот рефрен од споменатата песна: „Спаваш ли, да ли си тужан ко ја, док море сад је твоја обала, тражим те, будим те, руке ти хладне, ту сам живим без наде…“
–
Пејачката ги почести присутните и со неколку убави македонски народни песни, за кои кажа дека секогаш ги пее со големо задоволство, и тоа не само на концертите во Македонија туку и насекаде во светот.
– Интересно е што тие македонски песни се пеат на изворен македонски јазик, кај сите наши иселеници од кој било дел на поранешна Југославија. Мислам дека нема таков што не ја знае „Јовано, Јованке“ – појасни распеаната Томашевиќ-Босиљчиќ.
Инаку, тоа второто презиме Босиљчиќ ѝ е од сопругот Иван. Многу познат српски актер, но и пејач, кој, исто така, често настапува во Скопје со свои концертни-реситали.
Јелена, пред сè, важи за дамски тип пејачка. Во секој поглед кога е на сцена. Тоа се однесува и на нејзиниот начин на облекување. Никогаш нема да ја видите под рефлекторите во фармерки, патики или маички. Секогаш се тоа елегантни вечерни фустани, со соодветни чевли на висока потпетица. –Така беше и сега, на скопскиот концерт. Облечена во фустан со тигрест дезен и со црни лакирани чевли, со потпетици од дури 12 сантиметри. Вистина е дека се пожали по завршениот концерт дека ѝ отекле стапалата, но тоа е тоа. По секоја цена мораше да остави одличен впечаток кај сите, и кај новинарите. И навистина беше така.
Наш општ впечаток за концертот е за чиста евровизиска дванаесетка! Но, истата оценка може да ја добие и за после концертот, кога Јелена остана да другарува со нас, новинарите, кои редовно ја следиме и сакаме. Бидејќи таква е Јеца:неодолива, комуникативна, слатка. Дуле Миќиќ