Евровизија 2025: Британката Бони Тајлер е главната ѕвезда, Хрватот Марко провоцира со женственоста, а Србинот Принц од Врање, со набилдани мускули и тетоважи

89

И покрај неучеството на Македонија на изборот за Песна на Евровизија 2025 – сите патишта во мај водат кон Швајцарија

Од како викендов се одржаа неколку исклучителни Избори за песна на Евровизија (во Велика Британија, Србија, Хрватска и некој ден пред тоа во Италија („Сан Ремо“), заинтересираноста за овогодишното издание кое ќе се одржи во Швајцарија десеткратно се зголеми. Обложувалниците работаат „со полна пареа“, а главната ѕвезда за победата е светски позната британска поп-пејачка Бони Тајлер(позната по големиот хит „Total Eclipse of the Heart“). Таа е толку позната со што на Евровизискиот фестивал на некој начин му го враќа гламурот, од она време кога настапуваа вистински ѕвезди од своите земји (АББА, Селин Дион, Тото Кутуњо, Џиљола Џинквети, Клиф Ричард, Хулио Иглесијас, Здравко Чолиќ, Тереза, Марија Шерифовиќ, Руслана, Владо Јаневски, Тоше Проески….) Но иако е Бони Тајлер, тоа не е сигурна гаранција дека ќе победи, иако сега типуваат за нејзиниот триумф. Самата Бони е пресреќна. Воедно ќе биде по годините најстарата учесничка.

– Вистински сум почестена и одушевена што ќе ја претставувам својата земја Велика Британија на Евровизија со прекрасната песна. Ќе дадам се од себе, не да победам, туку да оставам најсилен впечаток. Впрочем, не се знае, може и ќе победам, па со тоа на Евровизија да ѝ ги вратам вистинските пејачки ѕвезди кои знаат да пеат, воодушевено порачува расположената 62-годишната Бони.

Што се однесува до скандалозниот евровизиски избор во Србија, таму работите се смирија. Убедливо победи долгокосиот, тетовиран и мускулест пејач Стефан Здравковиќ, попознат како „Принц од Врање“, со емотивната балада „Мила“. Принц минатото лете пееше и кај нас на нашиот „Охрид-фест“ и остави извонреден впечаток. На српскиот избор беше избран за најдобар со гласовите на публиката и стручното жири, оставајќи ги зад себе главните фаворитки: Маја Николиќ, Мими Мерцедес и Наташа Којиќ.

Победникот Принц својот успех го доживеа многу емотивно, дури и заплака од преголема радост. – После фестивалот одам во моето Врање. Ќе направам хаос! Таму целиот град ќе го кренам на нозе, да ја прославам победата на кафеански српски начин, како и мојот иден евровизиски настап кој ќе го имам во Швајцарија.                  Додека сите до еден беа воодушевени со Принц, само (“мала од скандала“) Јелена Карлеуша остави поинаква порака: – Тој одлично пее, но настапот му е толку здодевен што немам ни инспирација на кој начин да го нападнам!

Ден по српскиот Избор, во Опатија на Јадранскиот брег во добро познатата „Кристална сала“ на хотелот „Кварнер“ (каде некогаш се одржуваа гламурозните југословенски избори за Песна на Евровизија) Хрватска го одбра својот претставник за натпреварот во Швајцарија. Тоа е Марко Бошњак кој уште како дете ја освои поранешната Југославија со победата во натпреварувањето на „Пинкови ѕвездички“ кои беа организирани во Белград, Србија во студиото на Сателитската ТВ Пинк. Марко тогаш  ја испеа песната “Што те нема“ добро познатата од репертоарот на сараевчанката Јадранка Стојаковиќ. Во приватниот живот покрај пеењето, Марко дополнително работи и како помошен работник во загрепскиот објект за брза храна „Чрномерц“. Работи на каса, а по потреба мие и садови, бидејќи ниту од една работа не се срами. Марко ги открива и своите идни планови, по настапот на главната Евровизија:             – Сакам да сум постојано среќен и со среќата сите да ги гушкам сите кои ме сакаат.  Се надевам дека наскоро ќе го издадам албумот со најубавите песни. Ако ми тргне на естрадата, давам отказ во фаст-фуд, бидејќи сакам да живеам само од музиката.

На тие што за мене велат дека сум им женствен додека пеам, ќе им порачам, себе си да се гледаат на што личат. Усмрдени, никогаш не виделе вода за да се измијат. Никој не е совршен, а таквите што се обидуваат да ме навредуваат, за мене се само матна слика без тон, порачува оригиналниот Марко. Тој пред некоја година беше и учесник на “Парадата на поносот“ во Загреб, пеејќи  облечен во женствената гардероба.

Додека се случуваа овие локални избори, се случи и ждрепката за настапот на земји учеснички за главната Евровизија 2025 година. Иако за самиот редоследот ќе се одлучува подоцна, објавено е која држава во кое полуфинале ќе се натпреварува во Базел, Швајцарија. Па, така Хрватска ќе настапи во вториот дел од првото полуфинале,  Словенија ќе пее во првиот дел од првото полуфинале. Србија ќе настапи во вториот дел од второто полуфинале, а Црна Гора во првиот дел од второто полуфинале.На изборот за Песна на Евровизија 2025 година учествуваат 37 земји. Швајцарија ја заслужи честа да биде домаќин на Евровизија 2025 откако Немо триумфираше на натпреварот во 2024 година со песната „The Code“. Песната освои импресивни 591 поен, 365 од жирито и 226 од телевоутингот, со што ја обезбеди победата на Швајцарија. Овогодишното 69. издание на Изборот за Песна на Евровизија ќе се одржи во Базел, на 13, 15 и 17 мај 2025 година.

Во првата полуфинална вечер ќе настапат и дел од претставниците на „големата петорка“ – Италија и Шпанија, како и домаќинот Швајцарија. Во втората полуфинална вечер ќе настапат и Франција, Германија и Велика Британија, кои исто така се дел од „големата петорка“. Сите одат директно во финалето.

Нашата Македонија за жал трета година по ред не учествува на Песна за Евровизија, со објаснување дека е тоа поради финансиски причини. Наводно, премногу народни пари се трошат, а успеси немаме на Евровизија, тешко влегуваме и во финалето. Со единствен исклучок на Тамара Тодевска.  Но, тоа тогаш во Израел беше само „капка во морето“.    Д.М. фото:архива

 

ИЗДВОЕНИ