Европските вредности на тест со македонското прашање!

1303

Отворени и најдиректни негирања на македонскиот идентитет, блокади, уцени, забрани да се користи придавката „македонски“, непризнавањето на македонските етнички малцинства во соседните земји, оспорување и барање за ревизија на нашата историја, внесување на билатерални спорови во евроинтегративниот процес со што се уриваат европските вредности… само се дел од лостовите на кои натаму опстојува држењето на македонското прашање како отворено. „Фројд е чудна работа, но јас нема да навлегувам во таква дебата. Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на ЕУ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, во врска со неодамнешното актуализирање на отвореното македонско прашање за време на средбата со македонските иселеници во Њу Џерси, САД. И амбасадорот Марјан Ѓорчев вели дека е добра стратегијата да не се попушта: „Дури сметам дека треба да бидеме уште потврди во ставовите оти не смееме да дозволиме да ја загубиме единствената македонска држава во светот. Постоиш само кога имаш своја држава“.

Отворени и најдиректни негирања на македонскиот идентитет, блокади, уцени, забрани да се користи придавката „македонски“, непризнавањето на македонските етнички малцинства во соседните земји, оспорување и барање за ревизија на нашата историја, внесување на билатерални спорови во евроинтегративниот процес со што се уриваат европските вредности… само се дел од лостовите на кои натаму опстојува држењето на македонското прашање како отворено. Сите овие фактори и натаму постојат и сè уште силно дејствуваат, но сега целта македонското прашање да биде затворено станало и еден од првите приоритети на новата Влада. Неодамнешното актуализирање на отвореното македонско прашање од страна на премиерот Христијан Мицкоски, за време на средбата со македонските иселеници во Њу Џерси, САД, предизвика реакции во регионот. Официјална Грција преку нејзиното МНР веднаш соопшти дека тоа прашање е решено „конечно и неповратно“, повикувајќи се на Преспанскиот договор. Со овој договор, познато е, тогашната власт се согласи на промената на уставното име на државата, се откажа од дел од нашата историја…, а со што и натаму не се согласува голем дел од македонските граѓани.

-Не знам каде се препознале, дали можеби имаат грижа на совест па работи потсвеста. Фројд е чудна работа, но јас нема да навлегувам во таква дебата. Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на ЕУ, прво, изјави вчера премиерот Мицкоски, за време на посетата на општина Петровец во Скопскиот Регион.

Според него, македонскиот идентитет е предизвикан и сега, во 21 век, и дека постои земја која е нашиот источен сосед, која не сака да ги спроведе судските одлуки за правата на македонската заедница која живее таму. Тој додаде дека би било неодговорно, несериозно, издајнички од него ако каже дека македонското прашање е затворено.

-Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање се’ додека ја вршам оваа улога која што ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи тоа граѓаните го очекуваат од човекот којшто ја предводи македонската Влада. Јас знам дека во минатото имало луѓе кои што ја предводеле македонската Влада, кои што македонското прашање воопшто не им било ниту меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада, на којашто прв приоритет на претседателот на владата му е македонското прашање – дециден беше Мицкоски во одговорот на новинарското прашање.

До вакво актуализирање на нерешеното македонско прашање, односно до укажување дека и натаму постојат оспорувања, негации и блокади доаѓа откако Македонија во изминатиов период се соочува со нови пречки во процесот на евроинтеграцијата. Процесот е запрен со бугарските барања ставени во европската рамка за преговори со кои од нашата држава ултимативно се бараат уставни промени и други барања кои водат кон оспорувањето на македонскиот идентитет, историја и друго. Аналитичарите укажуваат дека незатворањето на македонското прашање не е од вчера, туку дека трае со децении, уште откако посебна македонска република беше дел од некогашната Југословенска Федерација, за да потоа продолжи по конституирањето на самостојна Република Македонија во 1991 година. Практично, оспорувањето и држењето на македонското прашање како отворено интензивно трае оттогаш.

-Потсетете се само на Лисабонската декларација на ЕУ, со која целосно ни се забрануваше да го користиме името Македонија, на блокади на јужната границата, на непризнавањето на нашата држава, негирањето на јазикот, на народот, неутврдени граници, на продолженото непризнавање на нашите сонародници во тие земји. Потсетете се само на одлуката на Меѓународниот суд на правда во Хаг, кој ја осуди Грција и нејзина блокада на нашата евроинтеграција, но која пресуда не ја спроведоа членките на ЕУ. Истовремено, истиот суд го призна референдумот во Косово за самостојна држава, а потоа голем дел од земјите членки ја признаа таа нова држава. Видете како Бугарија не го почитува Договорот за добрососедство и пријателство, иако има обврска да ни помага во евроинтеграцијата. Наспроти тоа се соочуваме со вето, со оспорувањето на јазикот, на историјата…. Таму не се признава македонското малцинство, не се спроведуваат одлуките на Судот за човекови права за правата на Македонците, а во преговарачката рамка со ЕУ се внесоа билатерални спорови – оценува Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Практично, сите изминати години оспорувањата од најразличен вид продолжуваат при што од македонската страна се бараат најразлични отстапки. Со тоа и македонското прашање постојано се држи отворено и се прават обиди за загрозување и нарушување на македонскиот идентитет. Таква е и сега ситуација во однос на блокираната евроинтеграција на нашата земја со бугарските барања за уставни промени. Македонскиот премиер Мицкоски долго време укажува дека нема да попушти пред тие барања кои претставуваат нарушување на критериумите за прием во ЕУ преку внесување на билатерални прашања во преговарачката рамка. Но, се укажува и на тоа дека во Бугарија не се почитуваат европските права на македонската заедница.

-Посуштинско прашање е што не можеме да кажеме дека македонското прашање е затворено, откако Судот за човекови права донесе одлуки за Македонците од другата страна на границата, во Бугарија, кои велат дека бугарското општество не го почитува основното човечко право на македонската заедница таму. Мојата единствена порака ќе биде дека ако договорите се валидни и мора да се почитуваат за нас, тогаш тие мора да бидат валидни и почитувани и за нив (Бугарија) и дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес. Јасно ми е дека тоа што го прифатија Османи и Ковачевски е проблем и дека тоа секогаш ќе се поставува како услов. Но, ако овој услов важи за нас, тогаш мора да важат и сите други услови од тие договори што беа потпишани претходно, како што е Резолуцијата за човекови права, како што е Договорот за пријателство и добрососедство. Сето ова треба да биде обврска за сите земји – изјави Мицкоски во прексиноќешното интервју за Македонска телевизија.

Тој вчера рече дека македонските позиции не се сменети и се непопустливи, а што го отвора прашањето дали блокадата на македонските интеграции ќе продолжат и натаму. А аналитичарите, политиката на непопустливост пред барањата кои водат кон обезличување на македонскиот идентитет е оправдана.

– Видовме дека без ефект беше клечењето на поранешните премиери и поранешните министри за надворешни работи. Не треба да се плашиме од тоа дека ќе задоцниме за интеграцијата во ЕУ. Ние не доцниме 6 месеци туку доцниме 32 години од бројни причини, бројни спорови и блокади коишто сме ги доживувале во изминативе три децении. Не прифатливо е сега да ни велат дека ќе задоцниме. Добра е стратегијата да не се попушта. Гледате и што се случува во регионот каде се клучни српско-албанските односи и каде е неизвесно во што ќе се изроди состојбата меѓу Косово и Србија, но и на меѓународен план каде сè ќе има вриење. Дури сметам дека треба да бидеме уште потврди во ставовите оти не смееме да дозволиме да ја загубиме единствената македонска држава во светот. Постоиш само кога имаш своја држава – потенцира Марјан Ѓорчев.

Историска посета на САД, подготвеност за средбата со Жељазков

Во САД направивме историски средби и историска посета и мислам дека како држава Македонија влеговме во оптиката на луѓето кои имаат најгласен звук во периметарот на претседателот Доналд Трамп – рече вчера премиерот Мицкоски. Осврнувајќи се на присуството на инаугурацијата на новиот претседател на САД, тој рече дека е важно што таму сме се претставиле кои сме, што сме и кои се нашите заложби.

-Втора шанса за прв впечаток нема. Убеден сум дека по овие средби Македонија е дел од оптиката на новата администрација на политички, геостратешки, но и на економски план – рече премиерот.

Тој додаде дека нема проблем да се сретне со бугарскиот премиер Росен Жељазков за да се најде начин да се одблокира процесот на евроинтеграцијата.

– Апсолутно би преземал чекори, апсолутно би сакал да се сретнам, да разговарам, да аргументирам, тој е новоизбран претседател на Влада, колега на соседна земја. Немам проблем да разговарам, каде било, кога било, и колку што е тоа потребно за да најдеме начин за да го одблокираме процесот со кој повеќе од две децении сме блокирани – рече Мицкоски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ