Европскиот сон патува кон „втора лига“ – проширувањето на ЕУ заглавено меѓу ветувања и блокади!

Високи челници на ЕУ го промовираат проширувањето како приоритет, а во исто време Германија испраќа пораки на воздржаност за натамошно ширење на Унијата без претходни внатрешни реформи и бара укинување на правото на вето, за ЕУ, да не се доведе во ситуација една земја да блокира одлуки, поучени од примерот со Унгарија и нејзиното постојано блокирање на заедничките одлуки. Во Македонија, секоја иницијатива за укинување на ветото како механизам во ЕУ се зема позитивно, со оглед на историјата на блокади на евроинтегративниот пат на земјава изминатите три децении. Дел од познавачите во земјава сметаат дека тензиите помеѓу САД и ЕУ и неизвесноста до каде ќе оди трговската војна, прават Брисел повеќе да се фокусира на Америка. Од друга страна, фокусирана е и на Украина. Додека македонските власти имаат одлука дека нема да ги прифатат уставните измени, вакви какви што се, ЕУ и меѓународната заедница се со став дека земјава мора да ја заврши домашната задача. Аналитичарите сметаат дека на потег треба да биде македонската дипломатија

1451

Во време кога Европската Унија јавно го промовира проширувањето како геополитички приоритет и испраќа пораки дека на Унијата ѝ се потребни успешни приказни од Западен Балкан, процесот на интеграција се соочува со нови предизвици и поделби меѓу клучните членки. Германија, која традиционално важи за мотор на европската интеграција, сега испраќа пораки на воздржаност за натамошно ширење на Унијата без претходни внатрешни реформи и бара укинување на правото на вето, за ЕУ да не се доведе во ситуација една земја да блокира одлуки, поучени од примерот со Унгарија и нејзиното постојано блокирање на заедничките одлуки.

Во Македонија, секоја иницијатива за укинување на ветото како механизам во ЕУ се зема позитивно, со оглед на историјата на блокади на евроинтегративниот пат на земјава изминатите три децении. Во случајов, Бугарија повторно се заканува со нови услови и можни блокади за Македонија, нагласувајќи дека уставните измени се само прв, но не и единствен услов за напредок во преговорите, и дека исполнувањето на сите бугарски барања останува клучно за отворање на следните поглавја во пристапниот процес. Овие спротивставени позиции ја ставаат европската перспектива на регионот во неизвесност, и покрај јасните пораки од Брисел дека стабилноста и интеграцијата на Западен Балкан се од суштинско значење за иднината на ЕУ.

Софија најавува нови услови

Во однос на Македонија, официјална Софија останува цврсто на своите позиции. Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ. Шефот на бугарската дипломатија оцени дека уставните измени само ќе го отворат патот за европската интеграција, а тука треба да се исполнат и другите услови кои ѝ ги поставила ЕУ, додавајќи дека тоа не е никаква билатералност или отворено меѓудржавно прашање. Бугарскиот министер додаде дека позицијата на Софија е кристално јасна и таа нема да го смени својот став, ниту има нешто кое ќе го побие европскиот консензус, постигнат во 2022 година за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, зад кој, како што вели, стои целата ЕУ.

-Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ не е единствен услов, односно, не е добро да се испушта во целиот тој разговор, со евентуална цел – за која се надевам дека не е така, ако впишувањето се случи и се исполни условот за уставни измени согласно со европскиот консензус, некој да рече: „ете ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“. Сето тоа треба да биде факт, во спротивно нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците на Советот, а доколку тоа не е факт нема да може да се пристапи кон отворање на првиот Кластер, каде што се човековите права, изјави Георгиев за емисијата „Брисел 1“.

Европските слаткоречиви лидери

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во понеделникот изјави дека ако се погледне на мапата, Западен Балкан географски е во Европа и затоа земјите од тој регион треба да бидат во Европската Унија, што го прави процесот на проширување многу важен и треба да продолжиме со него. Калас истакна дека е јасно оти стабилноста и безбедноста на регионот е од суштинско значење, а најдобар начин за намалување на тензиите е сите земји од Западниот Балкан да се вклучат во ЕУ.

 

– Тогаш ќе има помалку тензии, затоа што Европската Унија е мировен проект и работи на смирување на тензиите меѓу тие земји, рече Калас, додавајќи дека пораките се многу јасни, бидејќи и анкетите покажуваат дека поддршката за ЕУ во државите од регионот е генерално многу висока.

Пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург, каде што присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Калас изјави дека процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пак, при пречекот на албанскиот премиер Еди Рама во Брисел, за четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, рече дека проширувањето кон Западниот Балкан е јасен политички приоритет за Европската Унија, дека тоа е одраз на вистинската посветеност на ЕУ кон регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на европскиот континент. Кошта најави дека следниот месец ќе ги посети сите шест западнобалкански земји. Според Кошта, отворањето на новиот кластер „Внатрешни пазари“ со Албанија е многу значајно за Европската Унија и за Албанија, но исто така е и многу важен сигнал за целиот регион, бидејќи најдобриот начин да се обезбеди просперитет, мир и стабилност на Западен Балкан е со негово пристапување во Европската Унија.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, од своја страна, нагласи дека во актуелната политичка ситуација, проширувањето останува еден од приоритетите во политичката агенда на Полското претседателство со ЕУ, кое поддржува проширување засновано на заслуги.

– Целта на Полското претседателство е да се постигне севкупен напредок во процесот на проширување и во правец на Исток и во однос на Западниот Балкан. Амбициозните политики за проширување се нешто на што неуморно работевме од почетокот на Претседателството, заедно со Европската комисија, додаде Сикорски.

И словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон, од Луксембург порача дека геостратешка неопходност е да им се помогне на земјите од Западниот Балкан за зачленување во ЕУ до 2030 година.

Фајон потсетува дека Словенија, заедно со Германија, предлага иницијатива за забрзување на проширувањето со воведување на гласање со квалификувано мнозинство во самиот процес, што навистина може да ги забрза работите и да елиминира некои од пречките кои постојат во билатералните односи меѓу земјите.

Берлин ја менува играта

Наспроти ваквите позитивни пораки, од Берлин дојде информација дека Германија ја затвора вратата на ЕУ. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека новата германска влада го менува курсот во однос на проширувањето на ЕУ и во својот коалициски договор, новата германска влада фактички се изјасни против проширувањето на ЕУ, односно против приемот на нови полноправни членки.

-Секое ново полноправно членство ќе донесе и дополнително право на вето во Европскиот совет во оние области на политиката кои бараат едногласни одлуки. Ако ЕУ ги прифати сите држави кои сигнализираа дека сакаат да се приклучат или веќе преговараат за тоа, резултатот ќе биде дека, на пример, во надворешната политика, ништо не може да се реши спротивно на волјата на Белград, Кишињев, Киев, Сараево, Скопје, Подгорица, Приштина или Тирана. Секој што го има предвид внатрешното уредување и надворешнополитичката ориентација на овие држави, може да си претстави какви последици тоа може да има во некои случаи, пишува ФАЦ.

Македонската дипломатија на потег

Во однос на македонските евроинтеграции, дел од познавачите во земјава сметаат дека тензиите помеѓу САД и ЕУ и неизвесноста до каде ќе оди трговската војна, прават Брисел повеќе да се фокусира на Америка. Од друга страна, фокусирана е и на Украина. Додека македонските власти имаат одлука дека нема да ги прифатат уставните измени вакви какви што се, ЕУ и меѓународната заедница се со став дека земјава мора да ја заврши домашната задача.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека на потег треба да биде македонската дипломатија.

-Направен е драматичен пресврт во поразителните политики кон Брисел и Софија. Прекинати се тенденции кои директно водеа во бришење на македонизмот. Елегантно измислената промена на Уставот со одложено важење, го блокира апсолутно неприфатливиот и за нас погубен ултиматум. Тоа ја постигна својата цел, ама и се истроши. Подолго време стагнираме, што е лошо решение. Времето не работи за нас. Неодложно ни е потребна нова иницијатива. Исклучена е можноста дека Брисел, а уште помалку Софија, ќе ги променат своите политики кон Македонија. Ние мора да понудиме нови решенија. Под итно се потребни и краткорочна и долгорочна стратегија – како понатаму, и паралелно да се тргне во дипломатска офанзива, пред сè на – билатерален план, вели амбасадорот Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој смета дека основа на офанзивата би морала да биде најава за наше повлекување од вториот протокол со Бугарија.

-Договорот не го доведуваме во прашање, барем засега, и затоа нема основа пожестоко да нè критикуваат. Без протоколот, пак, паѓаат во вода и ултиматумот за промена на Уставот и самата преговарачката рамка, преку која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Рамката се базира токму на овој записник, а преку него на резултатите од заедничката историска комисија. Што значи тоа, не треба да се објаснува. Македонија нема друга опција за излез од тунелот, вели Никовски. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ