Европскиот парламент ќе отвори канцеларија за Западен Балкан во Албанија за да го зајакне својот ангажман во регионот, „во контекст на засилени геополитички тензии и обновен моментум за проширување на Европската унија“, соопшти вечерва оваа институција, пренесува Бета.
Новата канцеларија на Европскиот парламент во Тирана ќе служи како клучна точка на контакт со националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од Западен Балкан, се вели во соопштението.
Во него се наведува и дека „канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на парламентот, особено во однос на пристапувањето во Европската унија и ќе ја поддржи демократијата и институционалните реформи во регионот“.
Таа ќе „помогне во подготовките за официјални посети на европските парламентарци и она што следува по тие посети, а истовремено ќе ја зајакне соработката со другите европски играчи на теренот и со меѓународните и граѓанските организации“, се вели во соопштението.