Европски тешкаши доаѓаат во убедувачка мисија – Македонија е за дела, а не за зборови

Лидери на Европската Унија во следните два-три месеци ќе доаѓаат во Скопје, најави евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас, одговарајќи на новинарско прашање во однос на предлогот на известувачот на Европарламентот за земјава, Томас Вајц, дека со јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Бугарија, дека по усвојување на уставните измени нема да има нови барања од Бугарија, може да се надмине статус-кво ситуацијата со македонските евроинтеграции. Рокас рече дека интензивната дипломатска активност што постои е во насока на решавање на прашањето со Бугарија. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, пак, порача дека се изнаслушал многу изјави и очекува да види дела. Мицкоски потсети дека високи претставници на Унијата и претходно го убедувале дека промената на името ќе биде последното барање

365

Паралелно со вжештувањето на предизборната атмосфера во земјава, во пресрет на локалните избори, ќе се загрее и линијата на релација Брисел-Скопје. Во однос на предлогот на известувачот на Европарламентот за земјава, Томас Вајц, дека со јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Бугарија, дека по усвојување на уставните измени нема да има нови барања од Бугарија, може да се надмине статус-кво ситуацијата со македонските евроинтеграции, евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас, најави дека лидери на Европската Унија во следните два-три месеци ќе доаѓаат во Скопје и рече дека интензивната дипломатска активност што постои е во насока на решавање на прашањето со Бугарија.

-На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред, рече Рокас во одговор на новинарско прашање, какво е расположението во ЕУ, за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.

Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно со Планот за раст за Западен Балкан.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, пак, порача дека се изнаслушал многу изјави и очекува да види дела. Мицкоски потсети дека високи претставници на Унијата и претходно го убедувале дека промената на името ќе биде последното барање.

-Како ден-денешен се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Сум се изнаслушал многу изјави, треба да видиме дела. А дела, според мене, претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем, рече Мицкоски кој заедно со Рокас присуствуваше на поставувањето камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“.

Премиерот додаде дека ние како народ немаме проблем со другите народи, напротив ги почитуваме, но очекуваме возвратен почит и за нас Македонците.

-Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците, рече Мицкоски.

Известувачот на Европарламентот за земјава, Томас Вајц, неодамна во интервју за на МРТ, оцени дека со јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Бугарија, како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија, може да се надмине статус-кво ситуацијата со македонските евроинтеграции.

-Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот и ќе ни треба изјава и од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања што треба да се решаваат низ преговарачкиот процес се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања ставени на масата, а поврзани со преговарачкиот процес. Кога се работи за соседски прашања, ова е долг процес, посочи Вајц.

Премиерот Мицкоски и евроамбасадорот Рокас денеска присуствуваа на поставувањето камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“, на брегот на Преспанско Езеро, во непосредна близина на селото Долно Дупени. Тие порачаа дека по завршувањето на изградбата на граничниот премин, граѓаните од двете страни на границата ќе ја интензивираат културната размена, економската и туристичката соработка. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година, а неговото повторно отворање беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година. Граничниот премин Маркова Нога – Лемос е затворен повеќе од 50 години, а преку него порано се поминувало само со лична карта. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ