Европската унија ги осудува постапките на раководството на босанските Срби, предводено од Милорад Додик, кои го доведуваат во прашање уставниот поредок на БиХ и бара прекин на таквите активности кои директно го доведуваат во прашање европскиот пат на земјата, се вели во соопштението објавено во четвртокот од портпаролката Анита Хипер.
Во име на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), таа предупреди дека законите усвоени од парламентот на Република Српска минатата недела, со кои се обидуваат да ја забранат работата на судските тела и безбедносните агенции на територијата на тој ентитет, го поткопуваат уставниот и правниот поредок на БиХ и функционирањето на телата на власта на државата со што се загрозени темелните слободи на нејзините граѓани, што е спротивно на обврските кои ги презеде БиХ одлучувајќи се за европскиот пат.
„Република Српска, како и другите ентитети, е должна да го почитува Уставот на Босна и Херцеговина и домашните регулативи, како и да ги почитува овластувањата и одлуките на домашните институции, вклучително и Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Високиот судски и обвинителски совет, Судот и Обвинителството на БиХ, како и Државната агенција за истраги и заштита, се вели во соопштението, во кое се нагласува дека е неопходно да се искористат сите домашни правни средства за зачувување на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
ЕУ го повикува политичкото раководство на ентитетот на Република Српска да ја отфрли провокативната реторика и дејствијата за поделби, вклучително и доведување во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Мора да престане политичкиот притисок врз државните службеници да ги напуштат институциите на државно ниво.
ЕУ, јасно ги осудува постапките на раководството на босанските Срби, ја нагласува обврската за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
Тие потсетуваат дека во март 2024 година, Европскиот совет даде согласност за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, а ЕУ соодветно ги повикува сите политички актери да се рефокусираат на европскиот пат, со решителна акција да ги преземат сите релевантни чекори, кои ќе овозможат усвојување на преговарачката рамка во Советот на ЕУ.
Напредокот на европскиот пат е најдобриот гарант за стабилноста и безбедноста во Босна и Херцеговина, со повеќекратни придобивки за граѓаните на таа земја, се вели во соопштението на ЕУ како одговор на кризата што настана откако лидерот на босанските Срби Милорад Додик беше осуден на затворска казна поради непочитување на одлуките на високиот претставник.
Додик потоа го охрабри усвојувањето на законите што ќе ја спречат работата на Судот и Обвинителството на БиХ и државните безбедносни агенции во РС, тврдејќи дека тоа е право на ентитет што произлегува од Дејтонскиот договор.
Обвинителството на БиХ потврди дека воделе истрага од декември против функционери од РС за кои се сомневаат дека го нарушиле уставниот поредок на државата.