Џорџа Мелони, Марин Ле Пен и Алис Вајдел ја предводат популистичката десница во Европа, секој со своја визија и стил, менувајќи ја иднината на Унијата |
Трите грации на Ботичели, некогаш алегорија на пролетта нарачана од семејството Медичи, денес би можеле да ги прикажат лицата на Џорџа Мелони, Марин Ле Пен и Алис Вајдел – три амбициозни жени кои ја предводат популистичката десница во Европа. Овие жени лидери, секоја со комплицирана животна приказна и историскиот товар на екстремната десница во нивните земји, заедно отелотворуваат движење што ја донесе некогаш забранетата националистичка гордост од маргините во мејнстримот, пишува Блумберг.
Џорџа Мелони, првата жена премиер на Италија, дојде на власт во 2022 година и против сите изгледи. Таа пораснала во работничкиот дел на Рим со самохрана мајка, откако нејзиниот татко ја напуштил на една година и завршил во затвор. На 15-годишна возраст се приклучила на неофашистичка партија која го величела Мусолини, а денес, иако се огради од тој идентитет, зрачи со став „закон и ред“ со силен римски нагласок. Како самохрана мајка и конзервативка фокусирана на Бога и татковината, ја проширила мрежата на градинки и бенефиции за мајките кои работат, но и го криминализирала сурогат мајчинството и се изјаснила против абортусот и истополовите бракови. Нејзиниот стил еволуираше со сè посветла руса коса – како што вели нејзиниот фризер: „Секогаш кога се случуваше нешто важно, ја менував нејзината фризура“.
Марин Ле Пен, лидер на француското Национално собрание, сака да се кандидира за претседател до 2027 година, иако судот на 31 март 2025 година и забрани да се кандидира на пет години за проневера – одлука што таа ја оспорува во жалбата, нарекувајќи ја политички прогон по примерот на Трамп. Националистка која верува во интервенцијата на државата, таа долго време се обидуваше да избега од наследството на нејзиниот татко – тој ги нарече гасните комори „детал од историјата“. Три пати се кандидираше за претседателка, секој пат со подобар резултат, а денес има поддршка и меѓу француските Евреи. Нејзиниот изглед ја отелотворува Мариана, секуларна икона на Француската револуција, пренесува Вечерни.хр.
Алис Вајдел, копретседател на германската Алтернатива за Германија (AфД), се стреми кон канцеларската функција во 2029 година. Радикална либертаријанка која ја идеализира Маргарет Тачер, таа носи беспрекорно скроени темни костуми што го одразуваат тевтонскиот идеал. Поранешна банкарка на Голдман Сакс, зборува мандарински и живеела во Кина, но води ксенофобна партија. Иако е лезбејка во врска со партнерка од Шри Ланка и живее во Швајцарија, таа се залага за политика против истополовите бракови. Нејзината визија вклучува референдум за излегување на Германија од ЕУ, а нејзината реторика станува се поостра затоа што верува дека духот на времето работи во нејзина корист , а ја поддржува дури и Илон Маск.
Иако споделуваат антиимигрантски ставови и отфрлање на подлабока европска интеграција, разликите се очигледни. Мелони е проамерикански и антируски настроена, Ле Пен има минато со Путин кое се обидува да го прикрие, додека Вајдел е наклонета кон Пекинг и Москва, барајќи укинување на санкциите против Русија. Религијата дополнително ги раздвојува: Мелони е длабоко католик – нејзината изјава „Се викам Џорџа. Јас сум жена. Јас сум мајка. Јас сум христијанка“ стана техно хит – додека Ле Пен не е религиозна, а Вајдел е агностик.
Сите три имаат развиено внимателно осмислен стил, далеку од пристапот на Меркел или Клинтон.
Инспирирани од Тачер, која ја користела чантата како оружје, тие не се залагаат само за еднаквост. „Ќе бидеме рамноправни само кога жените ќе добијат моќни позиции, но не затоа што таму ги ставил маж“, рече Мелони во 2019 година. Сепак, парадоксот лежи во тоа што таа не го достигна врвот без квоти. Во 2008 година, Силвио Берлускони ја извлече од анонимноста како „министерка за млади“. Ле Пен се нарекува себеси феминистка, но ја отфрла „разбудената“ идеологија, додека Вајдел својата сексуалност ја помирува со хомофобијата на партијата со зборовите: „Јас не сум квир, но во брак сум со жена“.
До крајот на вториот мандат на Трамп, светот може да се соочи со реконфигурирана ЕУ, чии три најголеми економии ќе бидат идеолошки обликувани од овие жени. Нивните спротивставени визии – конзервативната на Мелони, националистичката на Ле Пен и слободарската на Вајдел – ќе одредат дали некоја ќе надвладее или, како во 1930-тите, тие ќе коегзистираат во нова, женска форма на десницата.