Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека се повеќе земји ширум светот сакаат да потпишат трговски договори со ЕУ, наведувајќи го тоа како „позитивен спореден ефект“ откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините за стоки увезени во САД.
Фон дер Лајен изјави за германскиот весник Цајт дека „Европа е целосно будна“ за можностите за „нов светски поредок“.
„Во моментов сум во голем број дискусии со шефови на држави и влади ширум светот кои сакаат да работат заедно со нас на нов поредок“, рече фон дер Лајен.
Таа нагласи дека не се работи само за економски врски, туку и за воспоставување заеднички правила и предвидливост.
„Сега мораме да го искористиме овој моментум за да отвориме нови пазари за нашите компании и да воспоставиме поблиски односи со многу земји кои ги делат нашите интереси“, рече Фон дер Лајен.
Откако беа воведени новите американски царини на 2 април, бран на несигурност ја зафати трансатлантската трговија, а ЕУ бара нови начини за продлабочување на врските со другите големи економии, како што е Кина, пренесе Политико.