Без значителни дополнителни воени ресурси, особено сега кога САД ја прекинаа својата поддршка, Украина не би можела да преговара за праведен и траен мир од добра позиција, се наведува во документот во кој се сугерира и дека поради променливата политика на САД, Европа не може да ја земе здраво за готово американската безбедносна гаранција и мора значително да го зголеми својот придонес во зачувувањето на НАТО, кое се смета за камен-темелник на колективната одбрана во Европа. Само за време на неодамнешната конференцијата за безбедност во Минхен, најголемиот германски производител на оружје „Рајнметал“, бил посетен од околу 50 шефови на држави или влади, или нивни министри, а во моментов се одработуваат нарачки вредни 55 милијарди евра, што е за 17 милијарди повеќе од мината година која е сметана за рекордна
ЕУ планира да почне огромен проект за изградба на својата одбранбена индустрија за да ја одврати Русија и да ја поддржи Украина додека САД се повлекуваат од континентот, се вели во нацртот на таканаречената Бела книга за одбрана до која дојде „Политико“.
Во нацртот се наведува дека обновата на европската одбрана бара огромни инвестиции на долг период. Документот подготвен од комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, и шефот на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, треба да им биде претставен на лидерите на ЕУ следната недела, но пред објавувањето може да претрпи измени. Клучните елементи на новата политика на ЕУ вклучуваат давање приоритет на производството на оружје во блокот и на „компании со истомисленици од трети земји“, охрабрување за заедничко купување оружје, олеснување на финансирањето на одбранбените проекти и друго., фокусирање на клучните области каде што на блокот му недостигаат капацитети како што се воздушната одбрана и воената мобилност и намалување на бирократијата околу одбранбените инвестиции.
-Без значителни дополнителни воени ресурси, особено сега кога САД ја прекинаа својата поддршка, Украина не би можела да преговара за праведен и траен мир од добра позиција, се наведува во документот во кој се сугерира и дека поради променливата политика на САД, Европа не може да ја земе здраво за готово американската безбедносна гаранција и мора значително да го зголеми својот придонес во зачувувањето на НАТО, кое се смета за камен-темелник на колективната одбрана во Европа. Европската комисија, според авторите на документот, би можела да дејствува како централно тело за купување вооружување во име на земјите.
„Политико“ пренесува дека во документот се наведени неколку клучни области за приоритетни инвестиции. Тоа се противвоздушна и противракетна одбрана, артилериски системи, муниција и проектили, дронови и системи против дронови, воена мобилност, ВИ, квантни технологии, сајбер и електронско војување, како и стратешки овозможувачи на борбени способности и заштита на критичната инфраструктура.
Земјите членки се одговорни за нивните вооружени сили – од развојот на доктрините до распоредувањето, се вели во документот. Како што дознава „Политико“, предвидени се повеќе првични чекори, меѓу кои и согласност за соработка во 35 проценти од трошоците за одбрана и одобрување на европската одбранбена индустриска програма од 1,5 милијарди евра. Документот, исто така, наведува голем број клучни мерки за помош на Украина, меѓу кои обезбедување 1,5 милиони артилериски гранати, системи за противвоздушна одбрана, континуирана обука на украинските војници, нарачки од украинската одбранбена индустрија, поблиско поврзување на Украина со програмите за воено финансирање на ЕУ и проширување на воените коридори за мобилност на блокот за да ја вклучи Украина.
Додека Европа го подготвува документот извршниот директор на германскиот производител на оружје „Рајнметал“, Армин Папергер вели дека во Европа веќе почнала ерата на вооружувањето. Тој изјави дека се преоптоварени со нарачки кои, како што вели, доаѓаат од сите страни, а се бара сè што прави компанијата за војската – од огнено оружје до оклопни возила и тенкови. Но, „Рајнметал“ нуди и ракети, радарски системи и системи за надзор поврзани со противвоздушна одбрана, беспилотни летала и дигитална воена технологија. Само за време на неодамнешната конференцијата за безбедност во Минхен, „Рајнметал“, бил посетен од околу 50 шефови на држави или влади, или нивни министри, а во моментов се одработуваат нарачки вредни 55 милијарди евра, што е за 17 милијарди повеќе од мината година, која е сметана за рекордна. Папергер посочува дека не доживеал вакво нешто во неговите 35 години во компанијата, пренесе „Дојче веле“.
„Фолксваген“, пак, вчера соопшти дека е подготвен да размисли за производство на опрема за германската војска како дел од европските напори за вооружување, пренесе британски „Телеграф“. Оливер Блуме, извршниот директор на оваа компанија, рекол дека сè уште ги контактирале потенцијалните партнери, но дека тие се подготвени „да ги разгледаат концептите“. Германската автомобилска индустрија е во криза, а според медиумите и други производители се расположени неискористените погони да ги пренаменат за потребите на војската.