Европа подготвува одговор на Америка: Макрон закажа итен состанок на ЕУ во Париз

373
EPA-EFE/LUDOVIC MARIN

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе ги собере претставниците на „големите европски земји“ денеска во Париз за да разговараат за „европската безбедност“, потврди во неделата францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Претседателот на Републиката утре ќе ги собере главните европски земји на разговори за европската безбедност“, изјави Баро за радиото Франс Интер.

Тој не прецизираше кој ќе учествува на тој „работен состанок“, но според европски дипломатски извор треба да присуствуваат Германија, Полска, Италија, Данска, како и Обединетото Кралство надвор од ЕУ.

Ќе бидат присутни и европските лидери Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста, како и шефот на НАТО Марк Руте, според изворот.

Средбата ќе се одржи ден по Минхенската безбедносна конференција, која беше обележана со непријателски говор на потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, насочен против Европската унија, која тој ја обвини дека не ја почитува „слободата на изразување“ и потврди дека Американците размислуваат за преговори за решение на украинското прашање без Европејците.

Кога станува збор за слободата на изразување, „не ни требаат инструкции“, изјави Баро за Франс Интер. „Треба да се ослободиме од комплексот на инфериорност и да не бидеме заплашени, затоа нема да прифатиме никакво мешање“, нагласи тој.

Тој оцени дека изјавите на Венс дадени една недела пред парламентарните избори во Германија се неприфатливи. „Ќе ја заштитиме нашата демократија и нашите јавни дебати, бидејќи тие се нашите најскапоцени средства, дури и ако се кревки“, рече Баро.

САД тргнаа на преговори за Украина без ЕУ додека Европјаните уште го бараат компасот

ИЗДВОЕНИ