Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека новите планови на ЕУ за зголемување на воените капацитети би можеле да мобилизираат речиси 800 милијарди евра. Од некогашните дваесетина објекти воено-наменската индустрија во Македонија е сведена на неколку капацитети во приватна сопственост. Безбедносните експерти укажуваат дека шансата не треба да се испушти.
Македонската воена индустрија треба да ја искористи шансата што се укажува по вчерашната објава на планот на ЕУ во наредниот период да употреби цели 800 милијарди евра за зајакнување на воените потенцијали. Од некогашните дваесетина индустриски капацитети во нашата земја, во кои се произведувала муниција, делови за тенкови, за „зољи“, ракети… таквата наменска индустрија е сведена на неколку погони кои „живуркаат“ со не толку големо производство. Воените потреби на европските земји сигурно ќе бидат големи и тоа отвора простор за вклучување на постојните капацитети или, пак, за отворање на нови.
Врзано за промените во односите на ЕУ со САД и руско-украинската војна, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека новите планови на ЕУ за зголемување на воените капацитети би можеле да мобилизираат речиси 800 милијарди евра. Зборувајќи на прес-конференцијата, Фон дер Лајен најави дека ЕУ ќе предложи на земјите членки да им се обезбеди поголем фискален простор за инвестиции во одбраната, како и 150 милијарди евра заеми за такви инвестиции, заедно со мобилизација на приватен капитал.
-Потребно ни е големо зголемување на одбранбениот капацитет, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само насила, а силата започнува со зајакнување на самите себе. Ова е клучен момент за Европа и ние мора да го искористиме – рече таа.
Најголемиот дел од земјите членки во претходните денови ја поддржаа ориентација за зајакнување на европската безбедност за да таа не зависи од САД. Ова значи дека по евентуалното одобрување на трошењето на 800 милијарди евра во иднина би требало да следат и плановите за тоа што како воени потреби треба да се финансира.
Воената, наменската индустрија, во Македонија е сведена на неколку капацитети во приватна сопственост. Поранешната фабрика „Сувенир“, која во времето на поранешната југословенска федерација беше голема фабрика за оружје во регионот, сега е активна со околу 350 вработени кои произведуваат малокалибарска муниција и каписли. Освен ова, истиот сопственик има и два погона во Скопје кои произведуваат композитни производи и производи наменети за опремување на армијата и полицијата во делот на балистичката заштита и балистичката безбедност.
Поранешната наменска фабрика „11 Октомври-Еурокомпозит“ во Прилеп, во минатото беше индустриски гигант со исклучително важен производствен капацитет за Македонија и регионот. Таа поседуваше значително комплексен систем на производство на проектили „зоља“. Но, таа веќе со години е во стечај и не работи, а досегашните македонски Влади не најдоа начин таа да продолжи со работа. Инаку, македонската военонаменска индустрија, како дел од комплексот на ЈНА, до 1990 година имаше 19 фабрики. Гигантот „Еуроинвест“ произведуваше композитна заштита за тенкот „М-84“. „Металскиот завод Тито“ правеше мултипликатори за тенк, куполи и други помошни делови, а „Сувенир“ од Самоков произведуваше муниција….
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР рече дека воената индустрија е скапа индустрија за самостојно да се развива.
– Но, треба да направиме сè за да покажеме дека Македонија е одлично место за странски инвестиции во оваа област. Јас и претходно и сега ги охрабрувам инвеститорите да дојдат, да го видат нашиот потенцијал и заедно со државата, со Владата, да отвориме можности кои ќе значат силна воена индустрија и на македонско тло – одговори Мисајловски.
Безбедносните експерти, пак, укажуваат дека шансата не треба да се испушти. Александар Србиновски, новинар и безбедносен аналитичар, за ВЕЧЕР вели дека воено-наменската индустрија во Македонија, иако е ниско развиена, таа е важна.
-Оваа индустрија е исклучително важна за земјава особено сега кога ЕУ одлучи дека треба да потроши 800 милијарди евра. Таа сега е неразвиена, ниско-профитабилна и таа многу слабо го следи чекорот со развојот што е забележан глобално, но и во регионот особено со државите од некогашната Југославија, од која ние потекнуваме. Земјите како Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина за разлика од Македонија во изминатите декади сериозно инвестираа во своите индустриски погони и сега тие се на многу подобра позиција од нашата. Од стотици милијарди до неколку милиони евра се движи поединечната годишна заработувачка на воено-одбранбените индустрии на балканските земји. Секоја година оваа воено-одбранбена индустрија на балканските земји рапидно расте и се зголемува во светски размери – наведува Србиновски.
Тој додава дека знае и верува дека нашата влада внимателно ги следи сите глобални трендови и дека во моментов се развиваат државни стратегии за подобрување на овие состојби.
-Наменската индустрија е потребна и тоа се докажува сега како никогаш претходно. Војната во Украина докажа дека стихијното производство не е доволно, а недостигот од инвестиции во таа индустрија, Европа ја става во незавидна ситуација. Русија исто така се доведе во ситуација да набавува оружје од Северна Кореја и Иран. Ние, дефинитивно, мора да најдеме начин да се активираме и да го вратиме приматот – нагласува Србиновски. (Б.Ѓ.)