Полскиот премиер Доналд Туск пред пратениците во Европскиот парламент зборуваше за приоритетите на полското претседавање со Советот на Европската унија во следните шест месеци, а претходно претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред членовите на Европскиот парламент ги презентираше резултатите од состанокот на Европските лидери одржан на крајот на декември.
Мотото на полското претседателство е безбедна, сигурна Европа. Туск рече дека тоа е прв приоритет и дека Европа мора да биде способна да се одбрани и да ги заштити своите граници.
„Јас не сум некој милитарист, но Европа мора да се вооружи сега за да биде безбедна и да се брани во иднина“, рече полскиот премиер.
Туск зборуваше и за енергетската независност и дека Европа никогаш повеќе не смее да биде зависна од Русија и од еден пазар, дури и кога ќе заврши војната во Украина.
Тој повика и на зајакнување на борбата против дезинформациите и мешањето на странски фактори во изборите во европските земји.
Полскиот премиер пред пратениците во Европскиот парламент не зборуваше само за приоритетите на полското претседателство. Тој одржа говор кој, се чини, требаше да ги инспирира Европејците.
„Кренете глави Европејци. Европа е одлична и секогаш ќе биде“, рече тој и потоа додаде дека тоа не е политички слоган.
Она што ја загрижува Европа во последните денови и веројатно ќе продолжи да ја загрижува во следните четири години, е доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави.
Туск потсетува дека Европејците ја открија Америка, но истовремено вели дека непријателот на Европа никогаш не би и посакал на Европа самата да се брани, а тоа е токму она што го порача Доналд Трамп – дека Европа мора да преземе одговорност за сопствената безбедност.
Кошта: Иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во ЕУ
Кошта за прв пат зборуваше пред членовите на ЕП и го презентираше заклучокот на Европскиот совет од декември, кога се одржа самитот Европска Унија – Западен Балкан.
Тој рече дека проширувањето на Европската унија е најголемата геополитичка инвестиција во мирот и безбедноста, дека иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во Европската унија, но не ја спомена Грузија.
Тој порача и дека Европската унија мора да ги исполни ветувањата кон партнерите кои се потенцијални кандидати за членство во Европската унија, како што, како што рече, тоа го прават шесте земји од Западен Балкан, Украина и Молдавија.
Покрај проширувањето, Антонио Кошта зборуваше и за Украина, односно зборуваше за заклучоците од декември дека Европа ќе остане со Украина додека е потребно и секако за конкурентноста на Европската унија во светот во контекст на доаѓањето на Доналд Трамп на чело на Америка.