Европа се соочува со ризик да стане „музеј“ доколку не ги олесни строгите ограничувања на технологиите за вештачка интелигенција (ВИ) и не го дерегулира пазарот, смета шведскиот премиер Улф Кристерсон.
-Мислам дека навистина треба да направиме голем скок во Европа. Американската и кинеската економија пораснаа многу побрзо од европските во последните 20 години. Ако не го промениме ова, Европа всушност ќе стане еден вид музеј во споредба со другите делови на светот, посочува тој, пренесе ЦНБЦ.
Кристерсон им се придружи на голем број европски лидери кои ја истакнаа потребата Европа да учествува поконкурентно во глобалната трка за развој на технологија за вештачка интелигенција на Самитот за вештачка интелигенција, што се одржа минатата недела во Париз. Во својот говор, тој истакна дека Европа мора да стане место каде што бизнисот и иновациите можат да напредуваат.
-Тоа значи помала регулатива, поголем пристап до капитал и таленти. Во моментов имаме компании кои се соочуваат со тешкотии во користењето на најновите технологии поради нејаснотии во европското законодавство. Компаниите, основани во Европа, се селат во САД поради недостаток на пристап до капитал. Тоа едноставно не е доволно добро, рече Кристерсон.
На Саемот во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон најави инвестиција од 109 милијарди евра во вештачка интелигенција, која вклучува странски инвеститори од Обединетите Арапски Емирати, американски и канадски инвестициски фондови, како и неколку домашни компании. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така изјави дека ЕУ ќе мобилизира вкупно 200 милијарди евра за инвестиции во вештачка интелигенција низ Европа.
Против строгите европски регулативи се изјасни и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, откако на самитот во Париз истакна дека Европа посветува премногу внимание на регулирање на вештачката интелигенција наместо да ја развива.
Технолошките експерти претходно ја критикуваа ЕУ дека премногу се фокусира на регулативата. Законот за вештачка интелигенција, кој стапи на сила, го претставува првиот сеопфатен сет на правила за управување со ризиците поврзани со вештачката интелигенција.