Европа ќе остане блиска со САД и за време на Трамп, смета Мелони

16

Италијанската премиерка Џорџа Мелони синоќа изјави дека САД и Европа ќе останат блиски, во време кога приближувањето меѓу Вашингтон и Москва под водство на Доналд Трамп го загрижува Киев и многу земји на стариот континент.

– Нашите противници се надеваат дека претседателот Трамп ќе се дистанцира од нас, но знаејќи го како силен и ефективен лидер, се обложувам дека оние што се надеваат на поделба ќе згрешат, рече Мелони, говорејќи на англиски преку видео врска на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (ЦПАЦ) која се одржа во Националниот конгресен центар Гејлорд во близина на Вашингтон.

Италијанската премиерка, чија земја силно ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија, особено со испраќање оружје, потсети на ангажманот на Европа и САД кон Украина.

– Тоа го правевме заедно во изминатите три години во Украина, каде што гордиот народ се бореше за слобода против бруталната агресија, и денес мора да продолжиме да работиме заедно за праведен и траен мир, додаде Мелони, која нејзините поддржувачи ја претставуваат како можен посредник меѓу ЕУ и Вашингтон.

ИЗДВОЕНИ