Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека новите планови на ЕУ за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети можат да мобилизираат речиси 800 милијарди евра.
„Ние сме во ера на повторно вооружување“, рече фон дер Лајен на прес-конференција пред да ги претстави плановите. За два дена ќе се одржи самит со лидерите на кој ќе се разговара за предлозите.
Планот вклучува три предлози:
1. Дозволување на земјите да ги зголемат трошоците за одбрана без да активираат механизми на ЕУ против буџетскиот дефицит.
2. 150 милијарди евра заеми за одбранбени инвестиции во домени кои би можеле да бидат од корист за одбраната на ЕУ во целина – како што се, на пример, воздушната и ракетната одбрана, системите против беспилотни летала и воената мобилност. Овој инструмент би помогнал да се здружи побарувачката, а преку заеднички набавки би ги намалиле трошоците.
3. Дозволување на земјите да ги пренасочат средствата наменети за програми за кохезиона политика (т.е. политики насочени кон изедначување на разликите помеѓу повеќе и помалку поволни региони) во трошоците за одбрана.
Фон дер Лајен рече дека нејзиниот план би можел да мобилизира вкупно 800 милијарди евра одбранбени трошоци „за безбедна и отпорна Европа“.
„Европа е подготвена да се засили“, заклучи таа.