Во тек е изградбата на рекордно долгиот тунел Фемарн од Германија до Данска, што треба да го подобри и скрати времето на патување на Скандинавија со остатокот од Европа.
Како што објави Гардијан, тоа ќе биде и најдолгиот монтажен патен и железнички тунел во светот, долг 18 километри. Главното градилиште на проектот се наоѓа на северниот влез во тунелот, на брегот на островот Лоланд во југоисточна Данска.
Повеќето подводни тунели – вклучувајќи го и тунелот под Ла Манш, долг 50 километри што ги поврзува Велика Британија и Франција се сечат низ карпа под морското дно, а во овој тунел ќе бидат поврзани 90 индивидуални елементи, парче по парче, како Лего коцки.
Железничкиот и патен тунел помеѓу Данска и Германија ќе се состои од пет паралелни цевки, а трошоците за изградба се околу 7,4 милијарди евра, кои во најголем дел беа финансирани од Данска. Европската комисија инвестираше 1,3 милијарди евра во тунелот.
Кога ќе биде завршено, патувањето помеѓу Родбихавн во јужна Данска и Путгартен во северна Германија ќе трае само 10 минути со автомобил или седум минути со воз, заменувајќи го 45-минутното патување со ферибот. Исто така, новата железничка линија ќе го преполови времето на патување помеѓу Копенхаген и Хамбург од пет на 2,5 часа.
Данска и Германија потпишаа договор за изградба на тунелот уште во 2008 година, но проектот беше одложен поради противењето на операторите на фериботи и германските групи за заштита на природата, загрижени за влијанието врз животната средина.
Се проценува дека кога тунелот ќе се отвори во 2029 година, повеќе од 100 возови и 12.000 автомобили ќе го користат секој ден, а според плановите, приходите собрани од патарината ќе ги отплатат владините кредити земени за финансирање на изградбата, а ќе трае околу четири децении.