Неделата на претстави од независната продукција ќе биде отворена на 14 јануари, од продукцијата „Артема – театарска лабораторија“, со претставата „Еволуција на распадот“. Следува (15 јануари) претставата „Безвремени приказни“ на продукцијата „Независна“, па „Среќен мртовец“ (16 јануари) на продукцијата „Алтернативен театар Отпишани – Скопје“. На 17 јануари e претставата „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, a Театарот „Златен Елец“, на 18 јануари, ќе ја затвори Неделата со претставата „Добри луѓе“
Пет претстави во продукција на пет ансамбли од независната сцена ќе има можност да проследи театарската публика на сцените на Драмскиот театар Скопје, од 14 до 18 јануари. Театарот ги отстапува за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“, како и потребната техника, со што овозможува изведба на нови претстави и презентирање иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
– Традиционалната поддршка на Драмски театар Скопје на колегите од независната сцена продолжува и годинава. Со поддршката на независната сцена, Драмски иницира создавање силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. Неделата на претстави од независната продукција е замислена како платформа за контакти на уметници што внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти – посочуваат од Драмски.
Неделата на независна сцена ќе биде отворена на 14 јануари, од продукцијата „Артема – театарска лабораторија“, со претставата „Еволуција на распадот“ работена по „Отело“ на Вилијам Шекспир. Режијата е на Дамјан Димовски, а ликовите во претставата ги играат: Илин Јовановски – Јаго, Бранко Михајлоски – Отело, Леонида Гулевска – Дездемона, Илина Чонкова – Емилија, Тодор Стојковски – Касио, Ѓорѓе Нешковиќ – Родриго. Музички Соработник е Дарко Спировски.
На 15 јануари, со претставата „Безвремени приказни“ на продукцијата „Независна“, ќе се претстават: Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ-Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска. Кореографијата е на Ирена Лозинска. Станува збор за перформанс со карактер на танцов театар што обработува теми од авторот Франц Кафка. Доријан Миловановиќ направи видеоарт за перформансот, а музички соработник и композитор на претставата е Енес Беговски.
Со претставата „Среќен мртовец“, на 16 јануари ќе се претстави продукцијата „Алтернативен театар Отпишани – Скопје“. „Среќен мртовец“ е сатирична драма за живиот мртовец Живко. „Од моментот кога, поради системска грешка, Живко добива решение дека починал, неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократијата и административните лавиринти. Преку еден апсурден начин, во својата борба да докаже дека е жив, Живко ги соголува до гола кожа државниот апарат и сите негови слабости“, се вели во најавата за претставата. Автор е Марјан Анѓеловски, режијата е направена со заедничка промисла на уметничката екипа, а улогите ги играат: Благој Чоревски, Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски, Кирил Трајковски Максим и Јасмин Рамани.
На 17 јануари, пак, со претставата „Казабалкан“ од Горан Стефановски, а во режија на Дамјан Костовски, ќе настапи актерската екипа: Мирјана Трпковска Коствска, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Јана Вељановска, Васко Костовски, Марина Поп Панкова, Христијан Поп-Симонов, Теоман Максут и Саша Димитриевска. Претставата на духовит начин ги отвора мрачните страни на човековата судбина и последиците од војната. Во центарот е обичниот човек, кој, не по своја вина, повторно се наоѓа на тенката линија меѓу животот и смртта. Продуцент и сценограф е Екатерина Николовска, костимограф е Екатерина Добривојевска, а композитор е Бојан Филиповски.
Театарот „Златен Елец“, годинава, во Драмски театар ќе настапи со претставата „Добри луѓе“, на 18 јануари. Адаптацијата и режијата се на Тамара Стојаноска. Станува збор за дуодрама работена според текст на Данкан Мекмилан. Преводот го направи Наташа Пеевска. „Драмскиот текст ‘Добри луѓе’ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет, исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири“, се вели во најавата за претставата во која играат актерите Тијана Трајчевска и Филип Христовски.
Во уметничкиот тим се и артистите и извршниот продуцент на претставата, Бобан Алексоски. Музиката е на Ива Дамјановски, фотографиите се на Данчо Стефков, а дизајнер на постерот и на рекламниот материјал е Бојана Цилевска.
Сите претстави почнуваат во 20:00 часот, а од Драмски ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена.