Жителите на Лос Анџелес кои се обидуваа да избегаат од шумските пожари оваа недела се соочија со тесни грла, сообраќаен метеж и тешка одлука дали да ги напуштат своите возила и да избегаат од пламените јазици пеш.
Пожарот кој се смета за најразорниот во историјата на Лос Анџелес го уништи „Градот на ангелите“, како што го нарекуваат најголемиот град на западниот брег на САД. Во моментот на пишување на овој текст, повеќе од 170.000 луѓе ги напуштиле своите домови, а 10 луѓе ги загубиле животите, јавува Би-би-си.
Меѓутоа, соочени со чад, пламен и домови оставени смачкани во урнатини, друга приказна се повторува одново и одново, додека пожарите продолжуваат да се шират – тоа е приказна за евакуација и хаос.
Жителите често реагираа брзо на предупредувањата и наредбите за евакуација издадени од властите во Лос Анџелес, а некои дури и ги напуштија своите домови пред да се бара од нив. Меѓутоа, кога се обиделе да заминат, само неколкумина успеале да отидат далеку.
Додека жителите на Пацифик Палисадес ги напуштија своите домови во средата, автопатот на Пацификот, главниот пат кон Малибу, брзо стана преполн. Некои ги оставија возилата и решија да се обидат да избегаат од пожарот пеш. Булдожерите мораа да ги отстранат напуштените возила за да им направат место на противпожарните екипи. Еден жител рече дека бил заглавен во сообраќајот два часа обидувајќи се да избега од пожарот во Палисадес.
Миријам Зар наиде на стампедо кога го напушти својот дом во Пацифик Палисадес додека шумски пожар го опустоши нејзиното соседство:
„Никој не се движеше половина час, а јас останав заглавена на патот 45 минути“, вели таа, додавајќи дека морала да се евакуира три пати во 24 часа бидејќи силните ветрови немилосрдно го ширеле огнот.
„Тоа е целосно уништување. Тоа е пекол“, додаде таа.
Овој проблем дополнително го отежнува распоредот на сообраќајната мрежа во областа.
„Има само два или три патишта. Два главни патишта и еден мал кривулест пат што ве носи надвор од Палисадите. Нашата голема грижа секогаш беше дека патиштата ќе се затрупаат, дека ќе останеме заробени и дека пожарот ќе се зафати кај нас донекаде мислам дека вчера луѓето се плашеа дека тоа се случува, но за среќа сите беа евакуирани“, вели Миријам Зар.
Слични хаотични сцени беа повторени во Холивуд во четвртокот, кога пожар го зафати Сансет Стрип. Многу патишта во близина на пожарот брзо станаа пренатрупани со сообраќај. Лос Анџелес не е лесен град во кој може да се избега во итен случај, велат експертите.
„Тесните, кривулести патишта се вообичаени во богатите предградија и може да го отежнат брзото излегување“, вели Крис Невил, претставник за јавни информации за MySafe:LA, непрофитна организација за спречување пожари и подготвеност за катастрофи во Лос Анџелес.
„Нема многу влезови и излези од Палисадите, а тоа предизвика огромни проблеми. Беше вистински хаос. Многу патишта во Лос Анџелес се од времето пред да има теренци, кога семејствата имаа помали возила, не нужно вакви огромни возила какви што сега се возат, особено во овие релативно богати области во ридовите“.
Натали Енклејд, извршен директор на Билдстронг Америка, организација која гради отпорност во САД, вели дека транспортната мрежа била под огромен стрес поради вонредната состојба.
„Со десетици илјади жители кои истовремено се обидуваа да избегаат при итна евакуација, главните патишта станаа сериозно затрупани.
Сепак, предизвиците во евакуацијата на градовите во Калифорнија не се ништо ново, забележува Натали Енклејд. Кога шумскиот пожар познат како „Камп пожар“ ја зафати северна Калифорнија во 2018 година, уништувањето на инфраструктурата „го намали капацитетот за комуникации, комплицирајќи ги напорите за евакуација“. За време на друг пожар една година претходно, отпадот го блокираше единствениот излез за цела населба.
„Најголемиот фактор што придонесува за овие настани е недостатокот на ресурси. Локалните агенции и ресурси брзо се преоптоварени од брзината и обемот на овие мега пожари“, смета таа.
Шефот на противпожарната служба во округот Лос Анџелес рече дека нема доволно пожарникари за да се справат со пожар „од оваа големина“.
Улиците на Лос Анџелес се преполни во нормални околности, но „навистина е поинаква ситуација кога сите се обидуваат да избегаат по земјотрес или шумски пожар“, вели Џеф Боинг, доцент на Катедрата за урбанистичко планирање на Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC).
„Голем дел од транспортната мрежа во Лос Анџелес има тесни грла. Постојат голем број причини за тоа. Можеби тоа е теренот или „естетиката на ексклузивноста“, особено во заедниците со затворени огради каде што има само еден излез и еден влез“, додава Боинг.
Студијата од 2024 година на Јаг Боинг и неговите колеги покажа дека дизајнот на сообраќајните мрежи игра важна улога во зголемувањето на отпорноста на градот на катастрофи. Оваа студија симулираше повеќе од 2,4 милијарди патувања низ 8.000 урбани области во 178 земји, додека симулираше настани како што се поплави, земјотреси и целни напади. Заклучокот е дека сообраќајните мрежи со подобра поврзаност и помалку тесни грла се помалку ранливи за време на настани што го нарушуваат сообраќајот.
„Подоброто поврзување се однесува на тоа колку улици има поврзани со секоја раскрсница. Во американското предградие на крајот од 20 век, честопати ќе видите многу ќорсокаци, што значи дека има само една улица што води до таа раскрсница или трокрака раскрсница, каде што мора да изберете по кој пат ќе одите. Сето ова ја намалува мрежната поврзаност и вашите опции и рутите. Во Лос Анџелес знае да биде прилично лошо, а уште полошо е во местата како што се Феникс или Лас Вегас, каде што има супер-блок со само еден или два излеза“, објаснува Боинг.
Еден начин да се подобри евакуацијата во вонредна ситуација е да се подобри јавниот превоз. Истражувањата покажуваат дека јавниот превоз може да помогне за евакуација на голем број луѓе за краток временски период. Студијата од 2011 година на истражувачите од Универзитетот во Торонто покажа дека јавниот превоз во Торонто може да евакуира 1,34 милиони луѓе за два часа.
„Имаме многу голем автобуски систем во Лос Анџелес. Сепак, тоа е неверојатно незгодно бидејќи тие автобуси мора да минуваат низ истиот сообраќај како и сите други. Немаме наменска автобуска лента. Ако имавме, многу луѓе би избрале да ја користат“, заклучува тој.