По лондонскиот самит јасно е дека земјите членки се ориентираат на вооружување, како и на формирање на „коалицијата на подготвените“, која ќе биде подготвена да ја брани Украина и да гарантира мир во нападнатата земја од нови руски загрозувања. Но, тука е пак ориентирање на тесната соработка со администрацијата на Доналд Трамп и ослонување на воената моќ на САД. Брисел сепак ќе чека на разврската дали САД ќе останат во Алијансата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека денеска ќе го објави планот за повторно вооружување на Европа. Аналитичарите укажуваат дека доаѓа моментум за освестување на Европа кога таа мора да има правец кој ќе го оцрта за наредните 10 години. ЕУ мора и треба да ги зголеми офанзивните и одбранбените перформанси на своите вооружени сили, коментира за весникот ВЕЧЕР, Милан Стефановски, безбедносен експерт |
Европската Унија е принудена да ги зголемува воените потенцијали а што јасно го покажа и неодамнешниот Самит на европските лидери во Лондон. Но, прашање е дали таа во блиска иднина ќе може да стане сила и фактор каков што сака да биде кога се работи за воспоставување на прекинот на војната во Украина и за спротивставувањето на стратешките планови на Русија. Од постигнатите лондонски заклучоци се гледа дека ЕУ се ориентира на вооружување, на натамошно воено помагање на Украина, но и на формирање на „коалицијата на подготвените“, која ќе биде подготвена да ја брани Украина и да гарантира мир во нападнатата земја од нови руски загрозувања. Но, тука е пак ориентирање на тесната соработка со администрацијата на Донал Трамп и дека „идните европски придонеси за дополнителни безбедносни гаранции мора да се усогласуваат со САД“.
Сето тоа отвора дилема колку интензивно Европската Унија во следниот период ќе оди на сопствено воено јакнење и создавање на сопствени безбедносни сили во рамките на „коалицијата на подготвените“, напоредно со војната и со мировните преговори околу Украина. А сето тоа, извесно, ќе зависи од разјаснувањето на прашањето дали ќе има промени во НАТО, дали САД и натаму ќе остане клучна земја членка, и што доколку американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за нивното напуштање на Алијансата. Одговорите на оваа дилема ќе почната да се даваат веќе од задутре кога, како што во Лондон најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе биде одржан самит на европските лидери на кој ќе биде претставен „сеопфатен план“ за одбраната.
-Европа мора да ја зајакне својата одбрана. Важно е да се подготвиме за најлошото Во наш заеднички интерес е да ги спречиме идните војни – рече Фон дер Лајен.
Безбедносниот експерт Милан Стефановски, за весникот ВЕЧЕР, анализира дека европските земји мора да одат кон јакнењето на својата воена моќ.
-ЕУ мора и треба да ги зголеми офанзивните и одбранбените перформанси на своите вооружени сили. Само така ЕУ може да биде респектабилен и глобално моќен партнер на САД, но и Русија и Кина повеќе да ја почитуваат. Не секогаш вооружувањето води кон војна, стратегијата е силна Европа да превенира идни конфликти и да твори мир во рамките на своите граници без поддршка од САД. Фактичката моментална состојба во сите земји членки на ЕУ дека тие ја немаат потребната воена индустрија на ново на САД, Кина и Русија – наведува Стефановски.
Тој додава дека прв испит на патот на военото зајакнување на ЕУ ќе биде прашањето колку во самата ЕУ ќе има согласност од сите за препорачаното зголемување на воени буџети од 3 отсто до 5 проценти.
-На среден рок ЕУ нема економија во обем кој може да проектира буџет од 5 отсто. Не знам колку би биле согласни Унгарија, Словачка и Словенија – укажува овој експерт.
Од друга страна, пораките кои доаѓаат од Вашингтон укажуваат дека во САД се поприсутна е идејата за напуштање на НАТО но и на организацијата на Обединети нации. Директорот на американското Одделението за владина ефикасност (ДОГЕ), Илон Маск го поддржа барањето на неколку републикански сенатори – САД да се повлечат од НАТО и од Обединетите нации.
– Се согласувам. Време е да се напуштат НАТО и ОН – истакна Маск за кого европскиот собир во Лондон беше „обична изгубена партија на шах во која умираат сите пиони“.
Претходно и американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да останат во НАТО доколку другите членки не придонесат повеќе за Алијансата.
-Ако ги платат сметките, ние сигурно ќе ја задржиме улогата на Америка во Алијансата – изјави Трамп.
Истовремено, по кавгата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и Доналд Трамп и ставовите на европските земји од официјална Москва дојде коментар дека има подвојување во Алијансата.
– Режимот во Киев и Зеленски не сакаат мир, тие сакаат војната да продолжи. Затоа, во оваа ситуација, се разбира, напорите на Вашингтон и подготвеноста на Москва да го реши проблемот очигледно нема да бидат доволни. Колективниот Запад делумно почна да ја губи колективноста. Тие не велат дека треба што поскоро да преминеме во мирни услови – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Британскиот премиер Кир Стармер, во Лондон, соопшти дека разговарал со Трамп за да ги координира неговите предлози, порачувајќи дека Европа „мора да го преземе тешкиот товар“, но дека за таквите напори „мора да има силна поддршка од САД“. Според него, САД се уште се „сигурен сојузник“ на Европа и дека Европејците се согласуваат со Трамп од итната потреба за траен мир, па затоа „треба заедно да испорачаат“. Но, прашањето е што доколку Вашингтон се откаже од сојузништвото?
Инаку, за вчера беше предвидена средба меѓу американскиот претседател Доналд со неговите клучни советници за да разговараат околу укинувањето на воената помош за Украина.
-Трамп ќе зборува со високи советници, вклучувајќи ги Марко Рубио и Пит Хегсет, за да разгледаат низа опции, вклучително и укинување на помошта одобрена и платена од администрацијата на Бајден, објави Њујорк Тајмс.
Врзано со сето ова аналитичарот Стефановски објаснува дека доаѓа моментум за освестување на Европа.
-Европа мора да има правец кој ќе го оцрта за наредните 10 години. Европа мора да знае што сака. Но, Армијата на ЕУ може да биде ограничено ефикасна ако има одбранбено мировен концепт кој ќе превенира идни руски дејствувања. Заради комплексниот мешан политички пејзаж во носење на единствени одлуки, ЕУ не може да се надева на ништо повеќе од регионална сила. Таков е политичкиот систем на носење на одлуки, ако се реформираат во иднина, тогаш ќе се прават дополнителни проценки – наведува Стефановски.
Отежителната околност тој ја гледа во фактот што во ЕУ никогаш немало единство во поново време, без разлика дали станувало збор за менаџирање со миграциите, ковид-кризата, буџетите, санкциите кон Русија или војната во Украина. Стефановски потсетува дека Европа граничи директно со Русија и Турција.
-Развива економски релации со Кина, а западниот Балкан каде што се мешаат интересите на овие држави и е на маргините. А за нас САД се природен и принципиелен сојузник – наведува експертoт. (Б.Ѓ.)
Фон дер Лајен утре ќе го објави планот за „ревооружување на Европа“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека утре ќе го објави планот за повторно вооружување на Европа.
– Утре преку писмо ќе ги информирам земјите членки (на ЕУ) за план за повторно вооружување на Европа. Потребен ни е масовен поттик на одбраната – нагласи вчера Фон дер Лајен во одговор на новинарско прашање за идните одбранбени планови ЕУ, при денешната презентација на Стратешкиот дијалог за европската автомобилска индустрија.
Фон дер Лајен нагласи дека несомнено сите сакаме траен мир во Европа, но дека таков мир може да се постигне само преку зајакнување.
– Треба да почнеме прво со зајакнување на самите себе. Тоа е и целта на планот што ќе им го претставам на земјите членки – додаде Фон дер Лајен.
Таа најави дека промовирањето на планот доаѓа во пресрет на специјалниот Самит на ЕУ посветен на Украина и на одбраната и безбедноста на Европа, закажан за в четврток, на чија подготовка, како што рече, интензивно работат со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.