ЕУ планира целосна забрана на опасните супстанции PFAS – ги има во речиси секој производ! 

54
screenshot Alaska Public Media

Европската комисија има намера да предложи забрана за употреба на PFAS, или „вечни хемикалии“ во производи за широка потрошувачка, со исклучоци за клучните индустриски намени.

PFAS, или перфлуороалкил и полифлуороалкил супстанции, не се распаѓаат во животната средина, што предизвикува загриженост за последиците од нивната акумулација во екосистемите, водата за пиење и човечкото тело, пренесе Ројтерс.

Тие се користат во илјадници предмети, од козметика до тефлонски тави, авиони и турбини на ветер, поради нивната отпорност на екстремни температури и корозија.

„Она што го бараме е забрана (за нивна употреба) во производите за широка потрошувачка“, рече еврокомесарката за животна средина Џесика Роузвол, во интервју за британската агенција.

Според неа, тоа е нешто што е важно за луѓето, но и за животната средина, како и за индустријата која треба постепено да го укине PFAS.

Данска, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска поддржаа широка забрана за PFAS пред речиси две години, но Роузвол рече дека предлогот на ЕУ најверојатно нема да биде обединет пред следната година, бидејќи беа идентификувани „суштинските“ исклучоци.

Инхалаторите за астма и полупроводниците што се користат во зелените технологии, како што се електричните возила, се некои од потенцијалните „суштински“ употреби, истакна таа, иако и тие ќе се соочат со ограничувања, вклучително и начинот како се отстрануваат.

ИЗДВОЕНИ