Европската Унија планира да воведе давачки за увоз на руско и на белоруско жито за да ги смири земјоделците и некои земји членки. Според информации на „Фајненшл тајмс“, ова ќе биде прво ограничување на прехранбените производи од Русија од почетокот на воената интервенција во Украина.

Во наредните денови, Европската комисија ќе објави царина од 95 евра за тон жито од Русија и од Белорусија. Изворите наведуваат дека тоа ќе доведе до зголемување на цената за најмалку 50 %, што ќе ја уништи побарувачката. Царини од 50 % ќе бидат воведени и за маслодајните семиња и за производите од нив.

Царината ќе биде поставена на максималното ниво дозволено според правилата на Светската трговска организација. Русија би можела да возврати, но таа веќе го забрани најголемиот дел од увозот на храна од ЕУ, а многу европски компании во овој сектор ја напуштија земјата во последниве години.

Во 2023 година, увозот на житарки, маслодајни семиња и нивни деривати од Русија достигна рекордни 4 милиони тони, што претставува 1 % од вкупната потрошувачка на ЕУ. ЕУ произведува повеќе од 300 милиони тони житарки и маслодајни семиња годишно и е нето-извозник на првото, така што нема потреба од руски и од белоруски увоз.

Претставникот на ЕУ истакна дека цените на житото се на најниско ниво во последните четири години, додека Русија е „многу конкурентна на пазарите на жито и врши значителен притисок“.