Брисел размислува за значително намалување на увозот на шеќер од Украина откако европските земјоделци се пожалија дека евтините испораки од воената зона ги урнале цените на пазарот и им наштетиле на локалните производители.
Според три неименувани извори, европскиот комесар за земјоделство, Кристоф Хансен, ја поставил оваа тема по средбата со француските земјоделски синдикати и индустриски лидери во Париз, кон крајот на февруари, пренесува „Ројтерс“.
Хансен не открил колку точно ќе биде намален увозот, но според присутните на состанокот, се очекува увозот да биде значително под досегашното ниво.
Освен шеќерот, се разгледува и ограничување на другите земјоделски производи од Украина, особено на житарките.
Претходно, ЕУ ѝ дозволи на Украина слободен пристап до европскиот пазар, како дел од поддршката за економијата на земјата погодена од војната со Русија. Сепак, поради масовните протести на европските земјоделци, Брисел е под зголемен притисок да ги заштити локалните производители.
Европските фармери тврдат дека евтиниот украински шеќер ги намалил резервите во Унијата и довел до пад на цените, што ги загрозува нивните приходи.
Украинскиот заменик-министер за економија, Тарас Качка, изјави дека Киев се надева на договор со ЕУ за земјоделските производи, додавајќи дека ова е повеќе политичко отколку трговско прашање.