ЕУ ќе употреби„трговска базука“ против Трамп

1609
EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Европската унија соопшти дека е подготвена да го употреби своето најмоќно трговско оружје против Вашингтон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе огромни царини и ја обвини ЕУ дека е формирана за да ги измами Соединетите држави.

„Имаме инструмент против принуда и ќе мораме да го користиме“, рече европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен во Париз по состанокот со француската министерка за земјоделство, Ана Женевар.

Се работи за инструмент кој предвидува широка одмазда како одговор на трговската дискриминација, како што се квоти, царини или ограничувања за странски инвестиции, пренесува Политико, наведувајќи дека тоа е „трговската базука“ на ЕУ, осмислена по првата администрација на Трамп, пренесува Танјуг.

Иако еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ за време на неговата прва посета на Вашингтон минатата недела рече дека користењето на инструментот е само хипотетичка можност, Хансен зборуваше за неговата употреба откако Трамп рече дека ќе воведе царини од 25 отсто за „автомобилите и сè друго“.

Ставот на Трамп предизвика гнев во Европа, каде што политичарите веруваат дека е време Брисел да возврати.

За покренување на инструментот против принуда потребна е поддршка од 15 од 27-те земји-членки на ЕУ, но пред тоа, првиот чекор на блокот ќе биде повторно да ги воведе казнените мерки што ги воведе како одговор на тарифите на Трамп од неговиот прв мандат, односно за мотоциклите Харли Дејвидсон, бурбонот од Кентаки или сокот од портокал од Флорида.

ИЗДВОЕНИ