Европските технолошки регулатори вечерва внимателно ќе го следат интервјуто на извршниот директор Илон Маск со лидерката на германската екстремна десница Алтернатива за Германија, Алис Вајдел на социјалната мрежа за да утврдат дали има можни прекршувања на правото на ЕУ.
Така, тим од речиси 150 претставници на Европската комисија во Брисел и Севиља ќе помогне да се испита дали мрежата на Маск работи според техничките правила на ЕУ, пишува Politico.
Европските регулатори помалку ќе се грижат за самиот разговор и повеќе за тоа како платформата и алгоритмите на Маск го пласираат преносот во живо на своите повеќе од 100 милиони корисници во ЕУ.
Претходно, европратеници од редовите на социјалдемократите и либералите побараа на дневниот ред на заседанието Европскиот парламент, предвидено за од 20 до 23 јануари, да се стави и точка за лажните вести и говорот на омраза на социјалните мрежи.
Либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) соопшти дека ќе побара „итна парламентарна дебата за неодамнешните објави“ на сопствениот на Икс, Илон Маск на оваа социјална мрежа и дали со нив се прекршуваат одредбите за умереност на содржините од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА).
Според претседателката на РЕ, Валери Ајер, Европа не може да биде слепа пред намерата на Маск да се меша во демократските процеси во ЕУ.
Дебата за оваа прашање побара и лидерката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија Перез во објава на Икс. – На нашите демократии им се закануваат нови опасности.
Опасности кои се помоќни и од оружје: лажни вести, говор на омраза и злоупотреба на социјалните мрежи, напиша таа во објавата.
Ваквите барања за проверка за „злоупотреба на социјалните мрежи“, уследија откако Маск во повеќе објави на Икс нападна неколку европски лидери и ја поддржа германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) во пресрет на предвремените парламентарни избори во земјата.
Маск вчера објави фотографија на која е прикажан состанок на норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе со основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, по што Европската соопшти дека оваа „погрешна слика“ би можела да биде дел од нејзината тековна истрага против Икс за ширење дезинформации, што се води врз основа на Законот за дигитални услуги.