ЕУ ја зема одбраната во свои раце со пакет за вооружување од 800 милијарди евра во наредните четири години

63

Европската комисија презентираше бела книга за европската одбрана – „Подготвеност 2030 година“, која предлага решенија за пополнување на критичните празнини во воените капацитети и за изградба на силна воена индустриска база. Одбранбениот пакет треба да ослободи 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната, во следните четири години.

Овој одбранбен пакет, кој се состои од бела книга за европската одбрана и план за ревооружување Европа/„Подготвеност 2030 година“, означува дефинитивен момент за нашата Унија. Европа повеќе не може да си дозволи да биде случаен минувач во сопствената безбедност и ние мора да ја земеме нашата одбрана во наши раце, да ги зајакнеме нашите заложби за колективна безбедност и да застанеме цврсто против оние што се обидуваат да го поткопаат нашиот одбранбен суверенитет – рече повереникот за одбрана, Андриус Кубилиус.

Планот предвидува зголемување на трошоците за одбрана за 1,5 отсто од БДП на земјите членки, на годишно ниво. За таа цел, Комисијата ги повикува земјите членки да ја активираат националната клаузула за отстапување од Пактот за стабилност и раст, што ќе им овозможи дополнителен буџетски простор за зголемување на трошоците за одбраната, во рамките на фискалните правила на ЕУ, а отстапувањата ќе бидат ограничени само на зголемување на трошоците за одбрана.

Дел од планот е нов наменски инструмент за безбедносна акција за Европа – САФЕ, кој предвидува сума од 150 милијарди евра, за кои Комисијата би се задолжила на финансиските пазари, а потоа би им доделила поволни заеми на земјите членки за заеднички одбранбени проекти. САФЕ треба да им овозможи на земјите членки веднаш и масовно да ги зголемат своите одбранбени инвестиции преку заеднички набавки од европската одбранбена индустрија.

Овие инвестиции треба да бидат насочени кон зајакнување на воените капацитети, а заедничките набавки ќе придонесат за зголемување на интероперабилноста, предвидливоста, намалување на трошоците и за зајакнување на европската одбранбена индустриска база. Украина, ЕФТА и земјите членки на Европската економска зона би можеле да учествуваат во заедничките набавки. Бидејќи јавните инвестиции нема да бидат доволни за да се задоволат инвестициските потреби, Комисијата се обидува да осигури дека е вклучен и приватен капитал. За таа цел, Комисијата предлага формирање синдикат за штедење и инвестиции, кој би помогнал да се мобилизираат приватните заштеди за инвестиции во одбраната. Европската инвестициска банка треба да игра голема улога во вооружувањето, а треба да почне и да инвестира во чисто воени проекти. Според сегашните правила, ЕИБ може да инвестира само во проекти со двојна намена, а тоа треба да се промени во иднина.

ИЗДВОЕНИ