ЕУ им врти грб на златните визи!

Се предвидува дека ќе се зголеми бројот на барања за златна виза од Американците. Европа следи поинаков тренд, бидејќи нивното укинување започна во многу земји, иако некои земји сè уште ги нудат. Што се златните визи и во кои земји можете да ги добиете?

102
Фото: pexels

Златните визи им нудат на богатите можност всушност да купат право на престој во таа земја во замена за значајна инвестиција во државата.

Стекнувањето право на живеење и работа во друга земја може да биде долг и тежок процес. Но, тоа не е секогаш случај за оние со пари за трошење. Со оглед на нерасположениот политички и социјален амбиент во САД во последните години, се предвидува дека ќе се зголеми бројот на барања за златна виза од Американците, пишува Н1 Хрватска.

Но, тие сега постепено се укинуваат ширум Европа. Во октомври, Португалија, наводно, ги променила своите услови, укинувајќи го условот за инвестициите во недвижности како основа за аплицирање за златни визи со надеж дека ќе ги намали шпекулациите со недвижнини.

Холандија го следеше примерот, завршувајќи ја својата програма за златни визи во јануари 2024 година.  Шпанија ја започна оваа програма во 2013 година, а на граѓаните кои не се членки на ЕУ им е дозволено да живеат во таа земја доколку инвестираат најмалку 500.000 евра во недвижен имот. Сепак, оваа земја годинава одлучи дека тоа повеќе нема да биде возможно. Премиерот Педро Санчез рече дека целта е домувањето да биде „реално, а не шпекулативно претприемништво“. Владата соопшти дека досега се издадени околу 10.000 вакви визи за да се привлечат странски инвеститори. Сепак, противниците на оваа идеја истакнаа дека златните визи се виновни за поскапувањето на недвижностите, поради што локалните жители мораат да се иселат од своите населби.

Шемата на престој со инвестиции, инаку позната како „златни визи“, им нуди на луѓето можност да добијат дозвола за престој во некоја земја со купување куќа или да направат голема инвестиција или донација. Во 2022 година, Европската комисија ги повика владите на ЕУ да престанат да продаваат државјанства на инвеститори, а по војната во Украина, постоеше загриженост дека овие шеми може да претставуваат безбедносен ризик.

Има само неколку земји кои сè уште нудат златни пасоши во ЕУ. Една од тие земји е Малта, се наведува во текстот на Н1. Овде, минималниот износ на инвестиција започнува од 690.000 евра и нуди државјанство од 12 до 36 месеци.

Наспроти трендот, Унгарија ги објави плановите за повторно воведување на својата златна визна програма на 1 јули 2024 година, откако ја заврши во 2017 година.

Италија е уште една популарна дестинација, за оние кои сакаат да добијат жителство преку инвестиции. Воведена во 2017 година, нејзината златна виза им дава на граѓаните кои не се членки на ЕУ двегодишна дозвола за престој во замена за инвестиции.

И Грција нуди златни визи, пишува N1 Хрватска и има една од најбрзите процедури за добивање дозвола за престој. Подобните странци можат да добијат дозвола во рок од 60 дена од поднесувањето на апликацијата.