Подобро собирање и третирање на отпадните води, менаџирање на цврстиот отпад, отворање на граничниот премин Маркова Нога се само дел од активностите што ќе се реализираат во Преспанскиот Регион, во рамките на проектот „ЕУ 4 Преспа“, финансиран од Европската Унија и од УНДП.

Вкупната вредноста на програмата е 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, кои ќе овозможат зазеленување на бизнисите на локалните земјоделци и на туристичките провајдери и да ги креираат своите работни места.

На промоцијата на програмата во Ресен присуствуваа евроамбасадорт Дејвид Гир, претставникот на УНДП – Армен Григориан, градоначалникот Јован Тозиевски, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање – Изет Меџити и министерот за земјоделство – Цветан Трипуновски.

– Време е за акција, да се обидеме да го свртиме овој тренд. Сите чинители во Северна Македонија, Албанија и во Грција, националните и локалните власти, граѓанското општество, бизнис-заедницата и меѓународната заедница треба заедно да работат да ја постигнат истата цел, а тоа е зачувување на ова извонредно место и зачувување на егзистенцијата на луѓето што живеат тука – рече Гир.

Претставникот на УНДП, Армен Григориан, изрази надеж дека, како дел од проектот, ќе се успее да се возобнови и зачува биодиверзитетот на едно од најстарите слатководни езера во светот, кое е во опасност поради негативните влијанија, неодржливите земјоделски практики, климатските промени, загадувањето и испуштањето отпад и нетретиран отпад.

За првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, реализацијата на активностите од проектот е колку четири годишни буџети на Општина Ресен и ќе придонесе за подобрување на туризмот и на земјоделството во Преспа.