Доколку има потреба од мазут како гориво за работа на скопските топлани „Исток“ и „Запад“, АД ЕСМ ќе ги добие од задолжителните државни резерви на нафтени деривати. Владата, при крајот на минатата година, донела одлука, без надоместок, да му отстапи на ЕСМ 10.788 тони мазут, при што транспортните и манипулативните трошоци, како и трошоците за акциза и данокот на додадена вредност, паѓаат на товар на компанијата.
Со оваа количина мазут би бил исполнет законскиот лимит од најмногу 15 дена во грејната сезона, топланите евентуално да може да работат на мазут ако нема доволни количини природен гас.
Владата претходно му даде обврска на АД ЕСМ да обезбедат резерви со мазут во своите депоа, но на повикот на 31 декември 2024 година немаше пристигнато ниту една понуда.