Топланите во Скопје со кои управува „ЕСМ Производство на топлина“, користат исклучиво природен гас како примарно погонско гориво во процесот на производство на топлинска енергија. Но, топланите можат да работат и на алтернативно гориво – мазут кој од претходната власт беше забранет за употреба како високозагадувачки енергенс.
На последниот ден од минатата година ЕСМ објави јавен повик за набавка на резерви на 11 илјади тони мазут со намера да ја исполни законската обврска во текот на годината да обезбеди резерви на алтернативно гориво-мазут, во количина која што е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет.
– Согласно Законот за енергетика, лиценцираниот производител на топлинска енергија “ЕСМ Производство на топлина“-ДООЕЛ Скопје, должен е во текот на годината да обезбеди резерви на алтернативно гориво-мазут, во количина која што е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет. Во врска со објавениот Јавен Повик на 31.12.2024 година (вторник), за набавка на резерви за алтернативно гориво-мазут за 15 дена работење на топланите, од страна на „ЕСМ Производство на топлина“ -ДООЕЛ Скопје, ве известуваме дека на отварањето на Јавниот Повик на 08.01.2025 година (среда) не беше доставена ниту една понуда – се вели во одговорот од АД ЕСМ до весникот ВЕЧЕР.
Овие количини на мазут, како што појаснија од АД ЕСМ, не се купуваат и не се складираат, туку треба само да се потпише рамковна спогодба со добавувач кој би ги ставил на располагање како алтернативно гориво за топланите во случај да нема природен гас, а со цел корисниците да не останат без греење.
– Согласно објавениот оглас, друштвото планира да додели рамковна спогодба со избраниот добавувач, односно го задржува правото да набавува количини на мазут согласно тековните потреби, односно да не набави воопшто доколку се покаже за непотребно. Во техничките спецификации за предметот на набавка во тендерската документација е дефиниран стандардот кој мазутот треба да го задоволува, согласно барањата на домашната регулатива, како и индикативните количини кои би биле потребни за максимален режим на работа на топланите за 15 дена – велат од ЕСМ.
Во случај на недостиг на главниот енергенс – гасот, Топланите може да користат мазут како резервен енергенс во период од само 10 дена, а за негова понатамошна употреба потребна е согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Последен пат резерва на мазут направија од „Балкан Енерџи Груп“ пред 2 години кога се случи преземањето на топланите „Исток“ и Запад“ од страна на ЕСМ. Тогаш беше променет и начинот на купување на природен гас за топланите. ЕСМ лани купи природен гас од бугарски снабдувач со однапред договорена маржа за целиот период (октомври, ноември, декември) и до крајот на 2024 година. Оваа година е направен договор со бугарскиот снабдувач само за еден месец, за јануари и тоа по фиксна цена.
(С.Бл.)