АД ЕСМ го поздрави почетокот со комерцијална работа на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александрополис, Република Грција и укажа дека поради лоша стратегија на претходното раководство, годинава ќе претрпи загуба од 3 милиони евра. Во соопштението до медиумите од ЕСМ укажуваат дека поранешното раководство на АД ЕСМ, преку „ЕСМ Продажба“, закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово не била закупена за оваа година.
– Претходната Влада, како покровител на потпишаните меморандуми за ЛНГ-терминалот и за гасната електрана „Александрополис“, влегува без претходна стратегија и разработен бизнис-план. Во моментов, согласно со достапната документација, АД ЕСМ во проектот „Александрополис“ има закупено само капацитет од 1,8 ТWh годишно, односно 4,95 GWh дневно, за период од 15 години. Поранешното раководство на АД ЕСМ, преку „ЕСМ Продажба“, закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово не била закупена за оваа година. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу три милиони евра – се вели во соопштението од компанијата.
Оттаму потенцираат дека сè уште нема гасна инфраструктура во земјава. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил – Жидилово, Република Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 GWh дневно и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција – Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија.
– Според фактите, моменталниот статус на проектот и информациите со кои располага ЕСМ, би сакале да ја информираме јавноста дека НОМАГАС сè уште нема стекнато 10 % учество во сопственоста на ЛНГ- терминалот „Александрополис“, ниту, пак, АД ЕСМ има сопственост од 25 % во тамошната гасна централа, како што пренесуваат дел од медиумите – се потенцира во соопштението.