ЕСМ-Дистрибуција  поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за промена на максималниот регулиран приход и цена за 2024 година за дистрибуција на топлинската енергија. Во барањето се наведува дека се бара зголемување на трошокот за гориво за 2024 година во износ од 12,92 проценти.

– Со поднесеното Барање, Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ-Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје бара промена на прогнозираниот трошок за набавка на енергија за 2024 година и предадените количини на топлинска енергија. Со поднесеното барање Друштвото бара зголемување на трошокот за гориво за 2024 година во износ од 12,92% – се вели во барањето на ЕСМ до РКЕ.

Прогнозиран трошок за набавка на енергија за 2024 година изнесува 1.723.922.246 денари (над 28 милиони евра).

– Заинтересираните правни и физички лица, мислењата и предлозите во врска со објавеното Барање може да ги достават најдоцна до 28.01.2025 година, до 12.00 часот во Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување на комунален отпад – велат од ЕСМ.

Од СДСМ побараа ЕСМ да го повлече барањето и власта да се откаже од намерата за поскапување на парното.

– Поскапување на парното би било уште еден удар врз стандардот на граѓаните. Од друга страна е лошо и во однос на загадувањето на воздухот. Власта треба да ја намали цената на парното за да ги стимулира граѓаните да се вратат и повеќе да се приклучат на парно. Тоа ќе биде мерка којашто ќе влијае на намалување на загадувањето но и на намалување на цената на парното со вклучување на повеќе корисници – велат од СДСМ.

Од АД ЕСМ велат дека опозиционата СДСМ неосновано ги коментира барањата за корекција на максимален приход и цена на друштвата за производство и дистрибуција на топлина, формирани од АД ЕСМ, кои вршат енергетска дејност поврзана со пазарот на топлинска енергија.

– Потенцираме дека компаниите треба да се придржуваат кон одлуките и актите донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги. Имено, согласно подзаконскиот акт кој го регулира максималниот приход и цена, вршителите на дејност имаат обврска да достават Барања до Регулаторната комисија за енергетика доколку настанат значителни промени на околностите и елементите што постоеле во времето на одобрување на регулираниот максимален приход и цената на топлинската енергија – велат од АД ЕСМ.

Оттаму нагласуваат дека во тек на тековната грејна сезона зголемена е цената на природниот гас, енергент што претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија, поради што се доставени барањата до РКЕ.

– Независно дали Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за корекција на регулираниот максимален приход и цената, сакаме да потенцираме дека топлинската енергија останува најеколошки и најекономичен начин на загревање споредено со другите начини на греење. Кога веќе ги спомнува друштвата за топлинска енергија, да потсетиме дека СДСМ во соработка со нивните поранешни коалициони партнери, трите друштва за производство, дистрибуција и снабдување со топлина ги оставија со милионски долгови по разни основи – велат од АД ЕСМ.

 

ИЗДВОЕНИ