Извршниот директор на „Организацијата Трамп“ и син на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Ерик Трамп, вчера изјави дека неговиот татко има намера „Америка да ја направи крипто престолнина на светот“ за време на неговиот втор мандат во Белата куќа.
Ерик Трамп посочи дека разумните регулаторни упатства би можеле да им помогнат на САД да станат суперсила на криптовалутите.
Тој во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, изјави дека долго време е голем поддржувач на криптовалутите, објави CNBC. Неговите коментари доаѓаат веднаш откако цената на биткоинот, најголемата криптовалута во светот, за прв пат се искачи над 100.000 долари.
„Современиот банкарски систем е застарен. Прашање на време е кога криптовалутите не само што ќе стигнат, туку всушност ќе го предводат патот“, рече Ерик Трамп. Тој рече дека американскиот милијардер Илон Маск ќе одигра „голема“ улога во унапредувањето на политиката на Белата куќа, опишувајќи го милијардерот како технолошкиот водач или „модерниот Алберт Ајнштајн“.
Доналд Трамп го назначи Маск заедно со бизнисменот Вивек Рамасвами да го води новосоздаденото Министерство за ефикасност на владата. Трамп неодамна објави дека има намера да го номинира Пол Аткинс за претседател на Комисијата за хартии од вредност, пренесува Танјуг.