Турскиот претседател Таип Ердоган, изјави дека никој не може да ја одземе Газа од Палестинците и дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од Газа е голема закана за светскиот мир.
Говорејќи на индонезиската телевизија Нараси, Ердоган се осврна на планот на Трамп да раселат повеќе од 2 милиони Палестинци од Појасот Газа, да ја преземе американската контрола врз него и да го претвори во „Ривиера на Блискиот Исток“.
„Одлуката на Трамп да склучи таков договор со убиец како што е (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху и неговите закани ја гледам како голема закана за светскиот мир“, рече Ердоган.
„Во овој момент, никој не може да ја одземе Газа од Палестинците, народот во Газа. Да се осмелиш да направиш нешто такво е, на прво место, сосема поинаква закана за светскиот мир.
Ердоган, исто така, рече дека не ги смета за точни изјавите на Трамп, кои се како што ги нарече „предизвици за многу земји во светот“.
„Се надевам дека таквите грешки ќе бидат елиминирани што е можно поскоро и дека глобален гигант како САД брзо ќе ги напушти овие грешки за да се најде начин за постигнување глобален мир“, рече турскиот претседател.
Арапскиот свет изрази бес, а европските сили длабока загриженост поради предлогот на Трамп дека Палестинците треба трајно да се преселат од Газа за да се овозможи таа да се развие како крајбрежно одморалиште под контрола на САД.