Сто и десет нови работни места, пред сè, за високо стручен кадар ќе се отворат во новиот производствен погон во скопски Петровец од страна на компанијата „Епсотех“. Во овие индустриски капацитети на германската компанија, која е во партнерство со белгиската „Аим“, ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија.

Оваа компанија е лидер на пазарот во Германија и е застапена на над 25% од истиот, што значи дека соработува со сериозни индустриски гиганти. Еден од главните белези во нивното производство е дека рециклираат материјали од земјоделството, рибарството, па дури и од компаниите со кои соработуваат.

Дополнително ќе се отвори и развојно истражувачки центар, а веќе постои интерес за понатамошна соработка и нови инвестиции и отворање на повеќе работни места.

– Оваа инвестиција е втора во рок од две недели, што само покажува дека доколку постои силна волја и посветеност, бројот на инвестиции во Македонија може да се зголемува. Долго време земјата беше на дното по привлекување на странски инвестиции во споредба со земјите од регионот, непредвидливата економска клима и лошиот имиџ на државата кој го изградија во изминатите години. Инвеститорите беа многу претпазливи и најчесто избираа да инвестираат во некоја земја од соседството отколку во Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.