ЕП одлучи да ја одложи одлуката за кандидатурата на Оливер Вархеји за комесар

34

Пратениците на Европскиот парламент одлучија да се одложи одлуката за кандидатурата на Оливер Вархеји од Унгарија за нов комесар за здравје и благосостојба на животните, соопшти денеска вршителот на должноста портпарол на ЕП, Делфин Колард.

„Координаторите на Комитетот на ЕП за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна и Комитетот на ЕП за земјоделство и рурален развој одлучија да го одложат состанокот за оценување на Оливер Вархеји“, изјави Колард на социјалната мрежа Х.

Колард не наведе причини за одложување на одлуката за кандидатурата на Вархеји, инаку актуелен комесар за соседства и проширување.

Во текот на изминатата недела беа сослушани 20 кандидати за еврокомесари и сите добија зелено светло за извршување на функциите, освен Вархељи, од кого беше побарано писмено да одговори на дополнителни прашања од пратениците на ЕП.

По секое рочиште, претседателите и претставниците на политичките групи, таканаречените координатори на надлежните комисии, се состануваат за да проценат дали кандидатот е квалификуван да биде член на Комисијата и да ги извршува доделените должности.

Координаторите на Комитетот на ЕП за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна и Комитетот за земјоделство и рурален развој на ЕП денеска се сретнаа за да донесат одлука за кандидатурата на Вархеји, но, како што објави Политико, одлуката е одложена за среда, односно , до сослушувањето на сите кандидати за комесари.

Утре во Европскиот парламент ќе бидат сослушани преостанатите шест кандидати за комесари, меѓу кои е и кандидатот за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Доколку се оди според планот, Европскиот парламент би можел да гласа за целиот состав на Европската комисија за време на пленарната седница, која ќе се одржи од 25 до 28 ноември во Стразбур. Откако Комисијата ќе биде одобрена од Парламентот, таа мора формално да биде назначена од Европскиот совет, кој гласа со квалификувано мнозинство.

ИЗДВОЕНИ