Германско-белгиска е новата инвестиција од 20 милиони евра која ќе почне со реализација од август во општина Петровец надвор од технолошко-развојните зони и таму ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и од здравствената индустрија. Инвестицијата прво на Фејсбук ја најави премиерот Христијан Мицкоски.

– Објектот ќе биде лоциран во Општината Петровец. Со градежни активности се започнува на крајот од август, а за една година се планира вработување на повеќе од 110 наши сограѓани. Тоа што е значајно е дека дел од инвестицијата е и Центарот за истражување и развој, што дава голема додадена вредност на неа и ќе значи ангажирање на високо стручни лица – напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Станува збор за германската компанија ЕПСОТЕХ, која, во партнерство со белгиската АИМ, ќе инвестира во изградба на новиот производствен погон. Извршниот директор на ЕПСОТЕХ, Аламави во Влада му ја претстави новата инвестиција на Мицкоски.

– ЕПСОТЕХ има 60 години искуство и со нас носиме многу вештини. Се надеваме дека тука ќе отвориме повеќе од 110 работни места кои ќе бидат претежно во машинската и инженерската гранка. Би сакале да почнеме со изградба на нова зграда, односно со инвестиција од приближно 20 милиони евра. Сакаме да ги прошириме нашите активности со производствени капацитети тука, во Скопје, односно да работиме на отворање фабрика и нови машини. Веќе имаме шест подружници во Европа, ова ќе ни биде седма – истакна Аламави.

Тој напомена дека ЕПСОТЕХ е позната по тоа што работи по еколошки стандарди.

– Познати сме по тоа што користиме рециклирани материјали, не само наши, туку и од нашите клиенти, и од зелената и од сината економија. Ги рециклираме материјалите и од земјоделската гранка и од рибарството, им даваме нов животоен циклус и играме многу важна улога во заштитата на житвоната среина и во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Овој начин на работа веќе го применуваме во Германија, користиме ветерна и соларна енергија. Веднаш кога ќе почнеме со планови за изградба на една постројка, правиме планови и за втора. Се надевам дека и тука ќе останеме со истата стратегија како досега – рече Амалави.

Мицкоски рече дека очекува инвестицијата да биде најмалку двојно зголемена.

– За нас е чест и задоволство што по нецели две недели и посакуваме добредојде на уште една инвестиција. За почеток ќе има нови 110 работни места, развој на истражувачки центар, нешто што досега недостасува или многу малку го има. Но, тука не застанува оваа инвестиција, туку ќе продолжи да се зголемува и бројот на вработени и извозот и самата инвестиција која очекуваме да биде најмалку двојно зголемена. Компанијата е лидер на пазарот во Германија и таму е присутна со 25 отсто што е значајна препорака за нас зашто очекуваме голем дел од компаниите кои иневститорот ги снабдува со своите производи, да го следат неговиот пример и да дојдат тука, да инвестираат. Нашата цел е со дела да ја сакаме Македонија –  порача Мицкоски.

Поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи исто така преку Фејсбук го обвини Мицкоски дека се кити со туѓи перја со тоа што ја објавува инвестицијата како своја.

– Да, да: има разлика! Некој се „кити со туѓи перја” и ја објавува инвестицијата на ЕПСОТЕХ како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период – напиша Битиќи.

Тој вели дека заедно со ЕПСОТЕХ има уште шест други инвестиции за кои се изработени договори за поддршка и го чекаат последниот филтер во Комисијата за заштита на конкурентноста, а од принципиелни причини и изборниот процес не беа обзнанени.

(С.Бл.) – Фото: Петр Стојановски