Енормно загаден воздухот во главниот град, намалената видливост го отежнува сообраќајот

31

Според податоците на „Ај-кју ер“ квалитетот на воздухот е во црвената графа со назнака „нездрав“. Според нивните податоци, добиени од шест станици во градот, нивото на ПМ-2,5 честички е највисоко во Центар и изнесува 102 микрограми на кубен метар. Од АМСМ информираат дека намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри има во Охрид, Демир Капија, Петровец – Велес и Велес – Штип. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен и се одвива во зимски услови, наместа по влажни коловози

 

Скопската Котлина деновиве е покриена со густа магла, поради што енормно се зголеми нивото на загаденост во главниот град.

Според податоците на „Ај-кју ер“ квалитетот на воздухот е во црвената графа со назнака „нездрав“. Според нивните податоци, добиени од шест станици во градот, нивото на ПМ-2,5 честички е највисоко во Центар и изнесува 102 микрограми на кубен метар.

Уште поалармантен е податокот на AQICN, според чиј индекс на загаденост, состојбата со воздухот во Скопје е ризична, со предупредување за исклучително штетно влијание врз здравјето на граѓаните. Измерените суспендирани ПМ-10 честички се  на неколкукратно повисоко штетно ниво од дозволеното.

Освен што предизвикува проблеми со загадувањето, маглата претставува опасност и за нормалното одвивање на сообраќајот, како во Скопје така и на патиштата низ државата.

Според АМСМ, намалена видливост поради магла, од 50 до 100 метри, има во Охрид, Демир Капија, Петровец – Велес и Велес – Штип. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен и се одвива во зимски услови, наместа по влажни коловози.

Од АМСМ препорачуваат брзина на движење да се приспособува на условите на патот и да се почитува поставената сообраќајна сигнализација, како и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова велат, посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од АМСМ потсетуваат и на законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Според нивните информации, на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Исто така, поради густата магла што изминатото деноноќие ја зафати скопската котлина беа одложени неколку летови. Се работи за летовите од Истанбул, Дортмунд и Ајндховен.

Одложено е и полетувањето кон Фридрихсхафен и кон Истанбул. Во саботата вечерта беше откажан летот од Истанбул, додека летот од Цирих беше пренасочен.

Вчера попладнето, пак, по 16 часот не слетал авионот на „Сан експрес“ од Анталија, како и авионите на „Визер“ од Меминген и Баден Баден. Авионот на „Лот“ од Варшава исто така не успеал да слета на Скопскиот аеродром и се вратил во Полска.

На патниците им се препорачува да ги следат официјалните канали на Скопскиот аеродром и бидат во контакт со авиокомпаниите за најновите информации за летовите.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ