Во празна сала, со присуство на неколку жени, помина настанот под мотото „Безбедноста е право, не привилегија“, организиран од Комисијата за еднакви можности на Град Скопје, по повод шеснаесет дена активизам за спречување на насилството врз жените. Организатор и модератор на настанот беше Филип Јаневски, советник во Град Скопје и претседател на Комисијата за еднакви можности. Инспириран од последните случувања на насилство во државата, тој одлучил да направи ваков настан и, како што истакна, оваа трибина е за подобрување на нашиот систем.
– Да се заштитат жените од родово базирано насилство и особено од сексуално насилство, односно како да се заштитат младите девојки, особено од сексуално насилство, во форма дури и од нивните партнери – изјави тој и повика на најстроги и региони казни за насилниците.
На настанот присуствуваше Диана Ристовска- Додевски, магистер по правни науки и советник за управни работи, судска постапка и здравствено осигурување при Министерството за здравство. Како што посочи таа, целта на здравството е да биде заштитник на жените жртви, пред сè, на сексуално насилство и, како што истакна, во здравството нема погрешна врата и жените да имаат каде да се обратат и да побараат помош во случај да бидат силувани.
– Ние сметаме дека кога една жена е жртва на семејно насилство, родово базирано насилство, силување, дали ќе дојде во МВР, во центар за социјална работа, таа нема повеќе потреба да се шета по шалтери. Целиот тим се свикува, мултисекторски се работи.
Ристовска ги напомена и центрите за силување и, како што кажа, сега-засега има три центи, од кои едниот се наоѓа во болницата за гинекологија и акушерство во Скопје, другиот е во Клиничката болница во Тетово, а третиот е во Општата болница Куманово. Се работи и на тоа да се отворат уште шест такви центри за силување, но, како што истакна, веќе со години проектираните планови не им успеваат, каде што жените жртви на сексуално насилство ќе може да се обратат. Таа истакна и дека, пред сè, институциите треба да се тука и да бидат од голема поддршка за жените.
Покрај Ристовска, на трибината беа и претставнички од организацијата „Надеж“, кои се вклучија во дискусијата. Свое обраќање имаше и пратеничката Емилија Ангелова, која истакна во својот говор дека треба да му се стави крај на насилството врз жените.
„Ние сè повеќе ја губиме именката ‘жена’“, „Јас се плашам моите деца да растат тука“, „Јас сум построга со мојата ќерка бидејќи ја подготвувам за општеството’“ беа само дел од коментарите од жените вклучени во дискусијата на оваа тема.
Овој настан помина со многу мала посетеност, немаше ниту еден претставник од медиумите, освен од весникот ВЕЧЕР, а Јаневски истакна дека не наишле ниту на поддршка од Град Скопје. (С.Б.)