Од МЕПСО образложија дека дошло до раскинување на договорот поради неисполнување на обврските и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и за услуги. – Колку што знам јас и според договорот, а и фактот дека ништо не направиле тие, немаат технички капацитети, не се придржуваат кон договорот и ги зголемија цените. Пратија фактура на МЕПСО и место 2,5, побараа 7,5 милиони евра – вели министерката за енергетика, Сања Божиновска. Од МЕПСО ќе иницираат нова тендерска постапка за рестартирање на проектот според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач, кој ќе продолжи со изградбата

 

МЕПСО го раскина договорот со сараевската компанија „Енергоинвест“, која од 2015 година беше изведувач на изградбата на 400-киловолтниот далновод од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница. Од операторот на преносната мрежа во земјава образложија дека дошло до раскинување на договорот поради неисполнување на обврските и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и за услуги.

– Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни. Договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.5.2023 година – посочија од МЕПСО.

Во овој период, како што нагласуваат, изведувачот неколку пати го напуштал градилиштето барајќи дополнително плаќање, што било одбиено од АД МЕПСО поради видот на договорот, клуч на рака.

– И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот. Од започнувањето на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови или 8,9 отсто, а доставени се 51,2 отсто од опремата. Имајќи ги предвид настанатата ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинот на овој договор, всушност, претставува почеток на завршувањето на овој проект, кој претставува врвен приоритет за АД МЕПСО и за Владата – велат од електропреносниот систем-оператор.

И министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на брифингот со новинарите во петокот, најави дека, и покрај раскинувањето на договорот, Владата останува посветена на завршувањето на 400-киловолтната интерконекција со Албанија.

– Ќе објавиме нов тендер за изградбата на овој далекувод, кој се гради од поодамна и за тоа бевме критикувани од Европската енергетска заедница. Разговарав со вицепремиерката и министерка за енергетика на Албанија и таа ми кажа дека на крајот од 2025 година Албанија ќе биде готова со својот дел – истакна Божиновска.

Министерката посочи дека изведувачот е известен за раскинатиот договор, но оттаму нема никаква реакција. Таа рече дека не се знае кој ќе плаќа пенали за раскинатиот договор, но, според неа, можеби тоа ќе биде изведувачот.

– Колку што знам јас и според договорот, а и фактот дека ништо не направиле тие, немаат технички капацитети, не се придржуваат кон договорот и ги зголемија цените. Пратија фактура на МЕПСО и место 2,5, побараа 7,5 милиони евра. Затоа не верувам дека ние треба да платиме некакви пенали, можеби е обратно – рече Божиновска.

Од МЕПСО велат дека ќе иницираат нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач, кој ќе продолжи со изградбата.

– Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Македонија, Албанија и за регионот во целина – нагласија од АД МЕПСО.

Божиновска ќе иницира да се направи сајбер секјурити програма што ќе ги заштити податоците на МЕПСО и на ЕСМ

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, ќе иницира да се направи сајбер секјурити програма што ќе ги заштити податоците на МЕПСО и на ЕСМ.

– Како што знаете, МЕПСО беше хакиран во март годинава и некои податоци сè уште не се вратени. Разговарав со неколку амбасади и со странски финансиери да направиме сајбер секјурити програма што ќе важи за МЕПСО и за ЕСМ, а на ниво на Владата, на тоа ќе работат во Министерството за дигитализација. Побаравме од странците да видиме ако може да се направи една дијагностика, што може да се направи да се превенира веднаш, бидејќи не смееме да си дозволиме МЕПСО или ЕСМ во иднина да бидат хакирани – рече Божиновска.

(С.Бл.)