Додека државите ширум светот, вклучувајќи ја и Македонија, се соочуваат со зголемена побарувачка за енергија и потребата за итни климатски акции, неопходно е да соработуваме за иновациите и стратешки да планираме нови проекти. Живееме во реалност кога сè што е поврзано со енергетскиот сектор е од исклучителна важност, па соодветно на тоа и темата на годинешниот собир, ни дава увид и нѐ поттикнува за поенергично влегување во унапредување на знаењата, политиките и технологиите во производството на енергија, одржливиот развој и заштитата на животната средина. Ова го порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во својство на говорник, во рамките на реномираната меѓународна конференција „Енергетика 2024“.
Во своето обраќање, Божиновска се осврна на значењето на производството и дистрибуцијата на енергија како основа на економскиот раст и стабилност.
– Влегуваме во ера на чиста енергија, енергетска ефикасност и технолошки напредок, која ќе ни овозможи намалување на емисиите на јаглерод и истовремено обезбедување сигурен и достапен пристап до енергија за сите. Ова нѐ води до една од клучните теми на конференцијата: енергетската транзиција. Државите се оддалечуваат од фосилните горива и вложуваат во обновливи извори на енергија, како сончевата, ветерната, хидро и геотермалната енергија. Македонија не е исклучок, затоа што правивме значителни чекори во проширување на капацитетите за обновлива енергија, особено со проектите за сончеви и ветерни паркови. Сепак, мора да признаеме дека оваа транзиција е полна со предизвици – нагласи Божиновска.
Политичките рамки, исто така, играат значајна улога во енергетската транзиција. Политиките мора да бидат насочени кон поддршка на преминот кон чиста енергија, додека ги адресираат и социо-економските аспекти на овој процес.
Владите, смета Божиновска, треба да обезбедат јасни и предвидливи регулаторни услови кои ќе поттикнуваат инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Ова нѐ води до втората критична тема на конференцијата: одржлив развој на енергетските системи што ги градиме денес, ќе имаат далекусежни последици за идните генерации.
– Нашата одговорност е да осигураме дека тие системи се одржливи, отпорни и прилагодливи на променливите потреби на општеството и животната средина. Одржливиот развој во енергетскиот сектор не подразбира само усвојување на технологии за чиста енергија, туку и промовирање на енергетската ефикасност и намалување на нашата вкупна потрошувачка на енергија – рече министерката.