Таткото на еден од најголемите фудбалски таленти во светот раскажа потресна приказна од минатото. Новата ѕвезда на Реал Мадрид, Бразилецот Ендрик, во неделата беше претставен пред 40.000 луѓе на „Сантијаго Бернабеу“, а неговиот татко, Даглас Соуса, веднаш по неговото претставување го расплака светот.

  • Го исполнив мојот сон, но и сонот на моето семејство. Ова е за нив – беа првите зборови на Ендрик на претставувањето.

Тој плачеше на сцената, а неговите татко и мајка, исто така, беа во солзи, седејќи во првите редови на трибините. Подоцна, татко му, кој, исто така, бил фудбалер, го шокираше светот.

  • Се сеќавам еден ден, кога беше Ендрик дете. Ми побара да јаде нешто и ми рече: „Тато, многу сум гладен“. Седнав на каучот, погледнав во кујната и во фрижидерот. Немав што да му дадам да јаде и му реков: „Ендрик, синко, немаме ништо“. И двајцата почнавме да плачеме. Потоа ме прегрна плачејќи и ми рече да не се грижам, бидејќи ќе стане фудбалер и ќе нè извлече од овие проблеми – изјави таткото на Ендрик.

Ендрик го одржа ветувањето. Во Мадрид ќе го носи бројот „16“, кој има значење за него. Го носеше и во Бразил играјќи за Палмеирас.

  • Беше 2016 година, ја градевме нашата куќа, а јас го носев дресот на Палмеирас со бројот „16“. Шест години подоцна, мојот син Ендрик дебитираше во дресот на тој клуб, со истиот број на грбот што го носев и јас. Бог е едноставно неверојатен! напиша Даглас Соуса на социјалните мрежи откако дебитираше Ендрик за Палмеирас.

Тој би можел да дебитира за Реал на 14 август, во Варшава, на натпреварот од Суперкупот на УЕФА, против освојувачот на Европа лига, тимот на Аталанта, додека на 18 август „кралскиот клуб“ ќе се соочи со Мајорка, во Ла Лига.

Покрај Ендрик, Реал летово потпиша и со напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе и може да се очекува да доведе и дефанзивец во наредниот период. Клубот остана без Тони Крос, кој реши да се пензионира, како и без капитенот Начо Фернандез, кој замина во Саудиска Арабија. И искусниот напаѓач Хоселу го напушти клубот.