Покрај со читање на македонската и интернационалната порака за 2025, годинава Светскиот ден на театарот во нашата земја дел од театрите ќе го одбележат со премиери, а дел со хуманитарни претстави, изложби и активности
„Сакајте го театарот, сакајте го животот!“, порача македонскиот театарски, телевизиски и филмски актер Емил Рубен, во годинешнава македонска порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март. Актерот од Македонскиот народен театар додаде и дека „театарот е и сон и живот. „Театарот чува, чисти, лета, сонува, нè разбудува“.
Грчкиот режисер Теодорос Терзопулос, пак, во интернационалната порака по повод 27 март праша може ли театарот да го слушне повикот на СОС што го испраќа нашето време, во светот на осиромашени граѓани, затворени во ќелиите на виртуелната реалност, вкоренети во нивната задушувачка приватност, во свет на роботизирани постоења во рамките на тоталитарниот систем на контрола и репресија низ целиот спектар на животот?
Покрај со читање на македонската и интернационалната порака за 2025, годинава Светскиот ден на театарот во нашата земја дел од театрите ќе го одбележат со премиери, а дел со хуманитарни претстави, изложби и активности.
Премиера на „Госпоѓа министерка“ во Велешкиот театар
Притоа, на 27 март, од 20 часот, на големата сцена на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе „Госпоѓа министерка“, претстава со која воедно ќе започне четвртото издание на Театарскиот фестивал „5 РЕ“ посветен на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко. Во претставата, во режија на Синиша Евтимов, ликот на Живка министерка ја игра актерката од велешкиот театар Зорица Панчиќ која годинава одбележува 30 години театарска дејност.
Средствата од претставата „Ѓоре Магаревски“ во Битола за Кочани
На Светскиот ден на театарот, Народниот театар- Битола ќе ја изведе претставата „Ѓоре Магаревски“, а целиот приход од влезниците (100 денари) ќе биде дониран за настраданите од пожарот во Кочани.
-Театарот е повеќе од уметност – тој е заедништво, хуманост и подадена рака. Ајде заедно да покажеме дека Битола има големо срце!, напишаа од битолскиот театар на фејсбук-страницата повикувајќи ги битолчани на хуманост на денот кога се слави Светскиот ден на театарот.
-Народниот театар Битола со оваа изведба го одбележува овој значаен ден, потсетувајќи на моќта на театарот да обединува, инспирира и помага. Со секоја купена влезница, гледачите не само што ќе ја поддржат театарската уметност, туку ќе придонесат за оние на кој им е потребна помош. Театарот секогаш бил на место каде што се испитува човечката состојба, но во моменти како овој, тој станува и инструмент на солидарност и заедништво. Ваквите иницијативи се потсетник дека уметноста не е само забава – туку и можност за промена во сценскиот простор и реалниот живот, додаваат од битолскиот театар.
Хуманитарна изложба на фотографии за Кочани во Драмски – Скопје
И Драмскиот театар – Скопје 27 март годинава ќе го обележи со почит кон настраданите и повредените во националната трагедија во Кочани. Во 19 часот во фоајето на Драмски ќе се отвори изложба на фотографии со наслов „Ред XV…“ на авторот Драган Гајиќ (1967). Приходот од продажбата на фотографиите ќе биде уплатен на хуманитарната сметка за донации.
-Изборот на фотографии на изложбата е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“, посочуваат од театарот.
Покрај ова, Драмски ќе го обележи 27 март и со низа активности што ќе се реализираат во текот на овој ден како организирана посета на театарот од децата од предучилишната установа „Мајски цвет“ од општина Карпош, и две отворени проби на претстави што се во тек на подготовка. Станува збор за претставата „Ифигенија за ништо“ чија проба посетителите ќе можат да ја проследат во 10:30 часот во салонот на големата сала „Ристо Стефановски“, како пробата за претставата „Гидион“ која ќе одржи во 14:00 часот во просториите на библиотеката на Драмски. Обележувањето на Светскиот ден на театарот во Драмски ќе се заокружи со читањето на светската порака од грчкиот режисер Теодорос Терзопулос и македонската порака на актерот Емил Рубен пред изведбата на претставата „Фамилијата Адамс“ со почеток во 20 часот.
Театар ли е ова, сон ли е!
Во својата, речиси расказ порака, македонскиот актер Рубен, пак, напиша:
„Се будам, приоѓам до прозорецот, погледнувам – часовникот сè уште не работи. Поставен е на висок столб кај влезот во Паркот на улицата со историско име Булевар Илинден. Никој не го поправа, не го покренува еве веќе трета година. Дали стои и чека да стане главен протагонист во некоја театарска претстава па да раскажува за луѓето кои секојдневно се движат под него по Булеварот Илинден и влезот на Градскиот Парк.
Одам низ паркот и ги здогледувам дедото и внукот, внукот има три години. Мало дете а збори многу но не кон дедо му: збори, трча, вика, се смее, клекнува, слуша, одговара. Се доближувам и здогледувам пеперутка. Таа го напаѓа штотуку расцутениот цвет а детето го брани цветот и ја брка пеперутката подалеку. Двете верверички кои весело трчаат горе-долу по дрвото запираат со играта, гледаат во детето и мавтаат со опавчињата. Сево ова го виде и гавранот па долета до детето. Детето му рече: а Гавро, убаво ја избркав пеперутката?! Гавранот штракна со клунот. Виде ли дедото театар создаден од неговиот тригодишен внук!
Одејќи по паркот наидов на мала дива депонија – расфрлено ѓубре, конзерви, шишиња, скинати весници, лушпи од семки, недојадени сендвичи… Еден човек се движи по ѓубрето. Зема конзерва, студиозно ја разгледува и ја става на страна, другата исто така. Зема шише, го гледа и си мисли – дали е испиено за жалост или за радост. Го става на страна, другото исто така. Весниците не ги тутка, прво ги разгледува па ги дипли правилно. Недојадениот сендвич прво ќе го баци па ќе го стави во ќесе. На секој отфрлен предмет човекот како да му го бараше минатото и спасувајќи го од немилосрдното дефинитивно уништување како да сакаше да му го продолжи животот. Театар ли гледам јас!
На човека му треба чист воздух. Во градот го нема премногу. Затоа се искачува кон врвот на планината, си мисли горе полесно се дише а и погледот допира подалеку. Од врвот се гледа целиот град како на дланка. – Ах кога би имал крила па да полетам, си помисли човекот. – Зошто не, во театарот велат сите сме птици, еве ми крила. И полета човекот како птица. Лета, лета и вели колку е блиску сонцето.
А долу бучи градот – автомобили прегреани, луѓе разодени, зафатени, слободни, тажни, весели, деца растрчани, кучиња расшетани… Во миг јасно го здогледува младиот човек кој се симнува од својот велосипед, го остава, го зема старецот под рака и му помага да ја премине улицата, безбедно на пешачкиот премин.
А таму далеку, ене се гледа морето. Плови еден голем брод и прави огромни бранови, а тие, брановите, бргу стигаат до едно мало бротче и удираат со сета сила во него. Бротчето многу се занишува, мислиш ќе се распадне, ќе потоне, но не, ене го, го задржува правецот и си плови кон својата цел. Театар ли е ова, сон ли е!
27 март, мугри. Сè уште не сум разбуден. Ја сонувам пеперутката, се вратила кај детето, врти околу него а потоа мирно му слетува на рамото. Сонувам како човекот си ги изучува чевлите и така бос, задоволно чекори по исчистената депонија. Младиот човек се враќа по својот велосипед, го јавнува и почнува да ги врти педалите. Малото бротче полека допловува до своето пристаниште. Сонувам како се будам. Приоѓам до прозорецот и погледнувам – часовникот на Булеварот Илинден – работи. Сонувам ли, јаве ли е! Некој мајстор по име Театар го поправил!
Театарот е сон, театарот е живот. Театарот чува, чисти, лета, сонува, нè разбудува. Сакајте го театарот, сакајте го животот!“
(Н.И.Т.)