Електронско аплицирање за субвенции за нова ПВЦ или алуминиумска дограма за домаќинствата

57

Аплицирањето на јавниот повик за субвенционирање за замена на старата, дотраена и енергетско неефикасна дограма (дрвена) со нова ПВЦ или алуминиумска дограма за домаќинствата на територијата на Општина Битола оваа година ќе се врши преку електронско поднесување на потребната документација, согласно со објавениот повик.

По барање на Општина Битола, модулот за електронски систем за поднесување на барањата за субвенции беше изготвен од фирмата „Јавен адвертајзинг“, кој ќе ја овозможи комплетната техничка поддршка за успешно спроведување на процесот на електронско аплицирање.

За поедноставување на процесот на аплицирање за граѓаните, Општина Битола објави видеоупатство, во кое се прикажани чекорите за аплицирање на повикот.

Од Општината ги замолуваат оние што сакаат да аплицираат, внимателно да го погледнат видеото и да имаат предвид дека големината на фајловите што се прикачуваат не смее да надминува 4 MB.

Аплицирањето ќе започне во вторник, преку линкот https://subvencii-bitola.com/, до кој ќе може да се пристапи директно или преку веб-страницата на Општина Битола, во делот „електронски систем за поднесување барања за субвенции“.

На почетната страница се наведени условите, правилата, изјавата за дограма (истата изјава што е објавена и на јавниот повик), упатството за користење на апликацијата, како и формата за поддршка доколку оној што аплицира, сака да се обрати до Комисијата со одредено прашање.

За да се продолжи понатаму, потребно е да се селектира делот „ги прифаќам условите и правилата“ и да се кликне „продолжи“, со што се стигнува до формата за субвенции. Потоа се внесуваат личните податоци: ЕМБГ, име, презиме, телефонски број, и-мејл адреса, адреса на живеење, град, трансакциска сметка и име на банката. Се продолжува во делот на документите за прикачување, каде што може да се прикачат податоците во следниве формати: PDF, PNG, JPG, JPEG и не поголеми од 4 МB. Полињата што треба да се пополнат се: трансакциска сметка, лична карта (страница 1), лична карта (страница 2), фискална сметка (оригинал, не фотокопирана), изјава заверена на нотар, фотографии од старата дограма (дадени се четири полиња за старата дограма; едно поле е задолжително доколку се менува, на пример, еден прозорец, а другите се пополнуваат, доколку се менуваат повеќе и не може да се прикачат сите фотографии во едно поле). Потоа фотографии од новата дограма (дадени се четири полиња за новата дограма, адекватно на претходното; едно поле е задолжително доколку се менува, на пример, еден прозорец, а другите се пополнуваат, доколку се менуваат повеќе и не може да се прикачат сите фотографии во едно поле).

По внесувањето на сите податоци, се продолжува со копчето „испрати“, по што се добива известување „потврда за поднесување барање“, на кое треба да се кликне „да“. Се чека кратко да се запишат податоците, по што се добива порака „вашето барање е успешно поднесено“.

Од Општина Битола појаснуваат дека на и-мејл адресата, оној што аплицирал ќе добие порака со два ПДФ-фајла, од кои едниот е „барање“ со неговите лични податоци, времето на поднесување на барањето и бројот на неговиот предмет, како и дадената изјава за користење на личните податоци.

Максималниот број обиди за поднесување ново барање е три, со што секое претходно барање се поништува.

ИЗДВОЕНИ